На 6 ноември Судан и Русија потпишаа документ што на Русите им дозволува формирање поморска база и центар за снабдување. Според овој договор, базата ќе може да прими 300 луѓе (воен и цивилен персонал), а постои можност и за закотвување до четири пловни објекти од секаков вид. Суданската влада бесплатно ќе обезбеди комплетна инфраструктура и дел од околната територија. Наедно, Русија ќе има право да доставува и складира секакво оружје, како и цивилна и воена опрема. Локацијата и инфраструктурата во следните 25 години ќе бидат под руска јурисдикција, со можност за продолжување уште на 10 години

Амбициите на големите сили на глобален план (3)

Русија не може да им конкурира на САД, ЕУ и Кина во обемот на трговската соработка, особено кога станува збор за големината на нивните капацитети и шаренилото од економии, но може да се концентрира на одредени полиња во кои има компаративна предност, како што се нуклеарната енергија, енергетиката и оружјето. Русите се насочени кон постепен и ограничен пристап што се фокусира на деловите, наместо на сеопфатен, кој во себе содржи опасност од ризик поради дисперзија на капацитетите. Значи, се водат од прагматизам, а не само од идеологија и политички мотиви.

Енергетика

Поголемиот дел од руските инвеститори беа насочени кон потрага по драгоцени ресурси и минерали на континентот, што на руските компании им овозможи добивање лиценци за експлоатација на енергетски суровини, како на пример во Јужна Африка. Уште во 2009 година, Медведев ги посети Египет, Ангола, Нигерија и Намибија, водејќи со себе 400 бизнисмени, кои потпишаа договори за соработка на полето на енергетиката.
Ова отвори пат за компании како „Алрос“, „Ренова“, „Русал“, „Роснефт“, „Газпром“ и „Лукоил“. Се обезбедија концесии за нафтените полиња во Алжир и Западна Африка, а се промовира и план за изградба на гасовод од Нигерија до Алжир и јужноевропските пазари, што, заедно со „Северен тек 2“, треба да гарантира трајна руска доминација на европскиот енергетски пазар. Сепак, во однос на ова прашање, досега не е постигнат некој позначителен напредок.
Исто така, Русија си обезбеди удел и во производството на боксит, кобалт, титаниум и ураниум – дури 30 руски компании се вклучени во експлоатација на територијата на африканските земји и Судан.
Се инвестира и во хидроенергија – во Ангола, Екваторијална Гвинеја и во Замбија. Притоа, забележливо е дека енергетските договори главно се потпишуваат во тандем со безбедносните, кои, пак, вклучуваат воена обука и размена на информации.

Инфраструктура и трговија

Во ноември 2018 година се потпиша меморандум за разбирање помеѓу Центарот за извоз, Руската железница и Афрексимбанк, за истражување на можностите за инвестирање. Другите области опфаќаат земјоделска соработка со Зимбабве и Замбија, рударски проекти во Сиера Леоне и петрохемиски погони во Ангола и Нигерија.
На годишното собрание на Афрексимбанк, кое во 2019 година се одржа во Санкт Петербург, Медведев стави посебен акцент на хуманитарните врски и подлабоките инфраструктурни вложувања, кои дотогаш беа најчесто под кинеска надмоќ. Освен тоа, во 2018 година Русија потпиша петгодишен договор со Јужноафриканската агенција за развој, чија цел беше да се поттикнат и охрабрат африканските инвеститори во однос на капацитетите што ги нуди Русија.
Евидентна е соработката и во однос на нуклеарната енергија – „Росат“, најголемиот светски снабдувач на нуклеарни реактори, има во план проекти во 16 африкански држави, а веќе има потпишано договори со Кенија, Нигерија и со Судан.
Сепак, Русија се соочи и со неколку неуспеси – во однос на нуклеарната енергија, Јужноафриканската Република ја одби соработката со Москва, и покрај фактот што и двете држави се членки на БРИКС.
Во последниве осум години, руско-африканската трговска размена се зголеми за 185 отсто, што секако е огромен чекор напред, но сепак е помал од оној на САД, ЕУ и Кина. Русија годишно вложува 17,5 билиони евра, Кина 105, а ЕУ дури 177 (пред брегзит). Најголеми руски вложувања се оние во Египет и Алжир, а најзначајни се оние во Судан и ЈАР. Најголем дел од рускиот извоз се однесува на оружје, минерали и земјоделство. Исто така, Русија е најголем извозник на оружје и муниција во африканските земји, особено во Алжир, Египет, Нигерија и во Судан.

Безбедност и мировни мисии

Русија има потпишано над 20 билатерални договори за воена соработка со африкански држави. Таа дава и свој придонес во мировните мисии на ОН и безбедносните аранжмани против пиратерија. Соработува и со регионални организации и институции, како што е САДЦ (Јужноафриканска заедница за развој). Воената соработка вклучува испраќање воен персонал и опрема, чија задача е обука за современо војување во услови на интегрирано борбено поле и информациска војна. Најголема соработка – која и понатаму се продлабочува – Русија има со Египет и со Алжир.
Соработка на ова поле има и во Либија, преку приватната компанија „Вагнер“, додека договорот со Судан овозможи присуство на рускиот „Тартус“ на Рогот на Африка. Понатаму, Русија игра сѐ поголема улога во организациите од типот на Африканската унија, поставувајќи така солидна основа за соработка и со Евроазиската економска унија.
Министерот Лавров изјави дека се залага за концептот „африкански решенија за африкански проблеми“. Според овој пристап, африканските држави, со меѓународна помош (во овој случај руска), би ги решавале своите проблеми со локални и регионални решенија, а помошта однадвор би била строго техничка, без наметнување туѓи ставови и принципи.
Со ваквиот отворен пристап, Русија добива уште поголеми можности за понатамошна соработка со Африка. Само како пример – приватната воена компанија „Вагнер“ е присутна во повеќе африкански земји, како Либан, Нигерија, Судан и Конго. Таа своето дејствување и влијание ги шири главно по пат на советодавни услуги.

Заклучок

Слободно може да се каже дека современата руска надворешна политика ги надмина советските стравови и реактивниот пристап, водејќи се според актуелните околности. Надворешната политика на Путин прецизно е фокусирана на подрачја каде што Русија може да ги оствари планираните цели, а наедно да го прошири и консолидира своето влијание. Мултиполаризмот и доктрината на Трамп создадоа вакуум во кој Русија успешно се наметнува, особено во областите каде што има компетитивна предност, како што се енергетиката, оружјето, безбедноста и нуклеарната енергија. Засега рускиот пристап се покажа како ефикасен и продуктивен – имено, тој ја подобри руската меѓународна позиција, „уфрлајќи“ ја Москва во традиционалните западни зони на интерес. Тешко е да се предвиди како ќе се одвиваат работите понатаму. Досега Русија постигна само симболичен успех, но покажа и дека може успешно да оперира на „туѓите“ странски територии. Доколку и во иднина продолжи со ваквиот култивиран пристап (како во примерот со Судан и изградбата на нова поморска база), Русија ќе добие голема шанса за проекција на својата воена и политичка моќ во низа различни области – нешто што досега не беше способна да го реализира.

Од анализата на Доминик Матковиќ за „Геополитика њуз“