Италијанската полиција денеска приведе 22 лица, осомничени дека се дел од сицилијанската мафија, а во рамки на операцијата за потрага по најбараниот италијански мафијаш, шефот на „Коза ностра“ Матео Денаро.
Рациите се спроведени во провинцијата Трапани, во западниот дел на Сицилија, а цел беа членови на т.н. мрежа „пицини“, што се однесува на систем шифрирани пораки напишани на хартија, поради кои Денаро е сė уште во бегство.
Матео Денаро (55) е во бегство од 1993 година. Познат е и како „Ролекс“, затоа што, покрај убавите жени и брзите автомобили, сака и скапи часовници, и по прекарот „Дијаболик“, поради својата крвава историја.
Досегашната истрага против него не даде никакви резултати, иако се уапсени речиси сите негови роднини, меѓу кои и братот, сестрата, нејзиниот маж, и нивните деца.
Денаро се смета за можен наследник на „шефот на шефовите“ Салваторе Тото Рина, кој минатата година почина во затвор, каде издржуваше затворска казна од 26 доживотни робии.