САД

Компанијата „Фајзер“ соопшти дека конечната анализа покажала оти антиковид-таблетата е речиси 90 отсто ефикасна во спречување хоспитализација и смртоносни исходи кај високоризичните пациенти, а најновите лабораториски податоци покажуваат дека лекот одржал ефикасност и против сојот омикрон.
Американскиот произведувач на лекови изјави дека минатиот месец лекот бил ефикасен околу 89 отсто во спречување на хоспитализацијата или смртоносните исходи, на основа на примероци од 1.200 луѓе, додека најновите податоци се базирани на основа на дополнителни 1.000 луѓе. Никој од тие што го зеле лекот на „Фајзер“ во текот на клиничкото тестирање не умрел, во споредба со 12-те смртоносни случаи кај лицата што го зеле плацебо.
Лекот на „Фајзер“ се зема на секои 12 часа, пет дена по првите симптоми, а доколку се одобри, ќе се продава под името „паксловид“.
Њујоршката компанија исто така ги покажа прелиминарните податоци на другиот клинички тест, кој покажува дека лекувањето го намалило хоспитализирањето за околу 70 отсто кај 600 возрасни лица.
Американската влада веќе обезбедила 10 милиони дози на лекот на „Фајзер“, за 5,29 милијарди долари.