Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, повеќето од жителите во Источна Европа се загрижени за иднината на демократијата, скептични се во однос на Владата и главните политички партии и не им веруваат на медиумите, покажуваат резултатите од најновото истражување на „Ју Гов“.
Според истражувањето, со кое биле опфатени 12.500 лица во Бугарија, Чешка, Германија, Унгарија, Полска, Романија и во Словачка, помеѓу 51 и 61 отсто од испитаниците сметаат дека демократијата е во опасност. Три четвртини од испитаниците во Бугарија, повеќе од половината во Унгарија и Романија, третина во Полска и една петтина во Германија, исто така сметаат дека изборите во нивната земја не биле ниту слободни, ниту фер, додека, пак, нешто под 25 отсто од анкетираните на возраст над 40 години изјавиле дека светот сега е побезбеден отколку во 1989 година.
Истовремено, мнозинството од испитаниците во речиси сите опфатени земји чувствуваат дека слободата на говорот, владеењето на правото и правото на протестирање се во опасност. Повеќето Унгарци, Бугари, Романци, Словаци и Полјаци сметаат дека ќе има последици по нив доколку ги критикуваат нивните влади, а над 60 отсто од испитаниците во секоја земја изјавиле дека правдата е изложена на напади.