Тензиите и натаму се високи во регионот, особено по инцидентот во Керчанскиот Теснец и запленувањето на украински бродови и морнари. Инцидентот што се случи во руски територијални води заврши без жртви, а официјален Вашингтон ја обвини Москва за агресија и го откажа долгоочекуваниот самит помеѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин
Американскиот разурнувач „Доналд Кук“ вплови во Црно Море речиси две недели откако уште еден американски воен брод беше распореден во областа. Руската морнарица, како што соопшти Министерството за одбрана во Москва, испратила патролен брод, кој ќе ги следи активностите на американскиот разурнувач во водите на Црно Море. Ситуацијата во областа и натаму останува тензична, откако три украински воени брода беа запленети од руската морнарица, кои претходно навлегоа во територијалните води на Русија, пренесуваат светските медиуми.
– Разурнувачот со крстосувачки проектили од класата „Арлеј Бурк“ беше испратен во Црно Море за да спроведува поморски безбедносни операции и да ја зајакне регионалната поморска стабилност. САД и американската морнарица и понатаму стојат заедно со сојузниците и партнерите во поддршката на заедничките регионални интереси и поморската стабилност. Нашето пристигнување во Црно Море ќе ја покаже подготвеноста на морнарицата во остварувањето на заедничките безбедносни цели во овој регион – порача командантот Метју Пауел, кој е главен офицер на бродот „Доналд Кук“.
Станува збор за второ вакво распоредување за помалку од две недели. На почетокот од месецов, бродот „Форт Мекхенри“ вплови во Црно Море, каде што имаше заеднички маневри со морнари од романската морнарица. Американската морнарица соопшти дека рутинското распоредување на американски воени бродови во Црно Море е во согласност со меѓународното право. Според меѓународното право, американските бродови може да останат во водите на Црно Море до 21 ден.
Тензиите и натаму се високи во регионот, особено по инцидентот во Керчанскиот Теснец и запленувањето на украински бродови и морнари. Инцидентот што се случи во руски територијални води заврши без жртви, а официјален Вашингтон ја обвини Москва за агресија и го откажа долгоочекуваниот самит помеѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин.
Претходно, Дејмон Вилсон, потпретседателот на организацијата „Атлантски совет“, оцени дека Русија го засилува присуството во регионот.
– Руските сили работат на тоа да го направат Азовско Море внатрешна руска водена територија, за да ги отсечат источните украински пристаништа и да ја зацементираат контролата на Москва врз Крим – порача Вилсон во интервјуто за „Нејшнл интерес“,
Во Црно Море беше испратен и британскиот воен брод „Ехо“, кој вплови во пристаништето Одеса. При посетата на „Ехо“ во Одеса, британскиот министер за одбрана Гевин Вилијамсон изјави дека присуството на бродот во регионот е предупредување за рускиот претседател Путин.
– Им порачуваме на Русија и на рускиот претседател Владимир Путин дека не може да продолжат да се однесуваат без почитување и грижење за меѓународното право или меѓународните норми – истакна Вилијамсон, алудирајќи на инцидентот од Керчанскиот Теснец.