Истакнатата иранска адвокатка за човекови права Насрин Сотоудех, која ги бранела уапсените жени кои протестирале поради иранските закони за носење шамија, е осудена во Техеран на вкупно 38 години затвор и 148 удари со камшик, соопшти нејзиното семејство.
Адвокатката е обвинета за неколку кривични дела поврзани со националната безбедност, но таа отфрла дека ги извршила сите тие дела. Групите за човекови права остро ја критикуваат „шокантната“ казна.
– Насрин Сотоудех го посвети својот живот во одбрана на правата на жените и борбата против смртна казна. Сосема е нелогично иранските власти да ја казнуваат поради нејзината работа во областа на човековите права- изјави Филип Лутер од Амнести Интернешнал.
Сопругот на 55-годишната адвокатка потврди на Фејсбук дека пресудата е донесена, откако таа телефонски кратко го побарала од затворот, соопшти иранскиот Центар за човекови права.
Адвокатот на Сотоудех изјави дека неговиот клиент е обвинет за ширење информации против државата, навредување на врховниот лидер на Иран и шпионирање.
Таа е една од седуммината адвокати за човекови права кои се уапсени во Иран минатата година.
Сотоудех е и поранешен политички затвореник, во периодот меѓу 2010 и 2013 година, бидејќи била обвинета за ширење пропаганда и заговор против државната безбедност. Таа ги отфрлила таквите обвинувања против неа. Додека била в затвор, Европскиот парламент ја наградил со признанието Сахаров за нејзиното застапување на опозициските активисти.