Надбискупот Филип Вилсон (67) од австралискиот град Аделејд е осуден на една година затвор затоа што прикривал свештеник-педофил во бискупијата.

Вилсон беше осуден затоа што во 70-тите години на минатиот век помогнал да се прикрие сексуалното малтретирање на четири момчиња во Нов Јужен Велс, извршено од страна на свештеникот Џим Флечер.

Надбискупот ги отфрла обвинувањата, а неговите адвокати се обидуваа да го прекратат судскиот процес поради тоа што тој боледува од Алцхајмерова болест.

Сепак, судот до август треба да реши дали надбискупот ќе треба да ја издржува казната во затвор или пак ќе може да ја отслужи во домашен притвор.

Свештеникот Флечер беше осуден за девет случаи на сексуално малтретирање и почина во затвор во 2006 година.