Југот на Италија се подготвува за уште два дена разорни дождови и поплави, додека реткиот медитерански ураган наречен „Медикен“ го разорува овој регион.
Во невремето досега загинаа две лица, а сицилијанскиот функционер Нело Мусумечи потврди дека има неколку исчезнати во поплавите.
53-годишен маж загина кога неговото возило се заглави во надојдените порои во Катанија, на источниот брег на Сицилија, јавија тамошните гласила.
Полицијата верува дека тој излегол од возилото и се обидел да побегне од надојдената вода, но не успеал, а неговото безживотно тело подоцна било пронајдено.
Во слична трагедија, 67-годишен маж почина во Катанија, откако неговиот автомобил беше заглавен во вода и кал, а по неговата сопруга се уште се трага.
Градоначалникот на Катанија, Салво Поглиезе ги повика жителите да останат дома.
– Имавме два многу тешки дена и поминавме низ драматични моменти – рече Поглиезе.
Вели дека временските услови се подобруваат, но предупреди и на лоша прогноза за утре и задутре и дека состојбата е доста загрижувачка.
Црвени предупредувања се издадени на островот Сицилија и во регионот каде што се наоѓа градот Катанија, кој веќе е зафатен од лошо време во текот на целата недела.