По излегувањето на Британија и „заминувањето“ на нејзините 66 милиони жители, Унијата ќе има околу 446 милиони жители, а територијата ќе ѝ се намали за 5,5 отсто. Доколку Британија во иднина побара да се врати во ЕУ, тогаш ќе мора да ја помине вообичаената процедура за пристапување
Брегзит конечно ќе се случи вечерва по полноќ, точно 1.317 дена откако Британците на референдум одлучија да ја напуштат Европската Унија. Затоа, со право се поставува што ќе се промени од утре на 1 февруари? Секојдневната трговска размена помеѓу Британија и ЕУ ќе продолжи без промени до крајот на 2020 година.
Во текот на преодниот период од 11 месеци, Лондон и Брисел би требало да се договорат за тоа какви ќе бидат нивните идни односи. Доколку не се договорат, трговијата со Британија ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација (СТО), додека не се постигне договор за слободна трговија, што всушност би претставувал „цврст“ брегзит. Лондон до 1 јули може да побара продолжување на транзицискиот период за една или две години, но британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека не ја сака таа опција.
По излегувањето на Британија и „заминувањето“ на нејзините 66 милиони жители, Унијата ќе има околу 446 милиони жители, а територијата ќе ѝ се намали за 5,5 отсто.
Доколку Британија во иднина побара да се врати во ЕУ, тогаш ќе мора да ја помине вообичаената процедура за пристапување. Отстранувањето на британското знаме од пред зградата на Европскиот парламент во Брисел ќе ја симболизира вистинската промена: Британија повеќе нема да биде членка на ЕУ, туку „трета земја“. Во Европскиот парламент повеќе нема да има ниту еден од сегашните 73 британски европарламентарци – 46 од тие парламентарни места ќе бидат резервирани за идните земји-членки, а 27 ќе бидат прераспределени. Британија, исто така, нема да има право на свој комесар во Европската комисија. Во новиот состав на Еврокомисијата веќе нема британски комесар, бидејќи Џонсон не сакаше да го именува. Покрај тоа, британскиот премиер повеќе нема да учествува на европските самити, исто како и британските претставници, кои нема да учествуваат на министерските состаноци. Истовремено, Британија нема да има право на глас во ЕУ, но до истекот на транзицискиот период ќе мора да го уплатува својот дел во европскиот буџет. Станува збор за голема сума, бидејќи Британија е втор најголем нето- придонесувач во буџетот на ЕУ, веднаш зад Германија.
Како државјани на трети земји, Британците повеќе нема да можат да се кандидираат за работните места на европските функционери во Брисел. Сепак, многумина од нив веќе зедоа двојно државјанство за да може да останат во Унијата. Според податоците на Обединетите нации, речиси 1,2 милион британски државјани живеат во некоја друга членка на ЕУ, а најмногу во Шпанија, Ирска, Франција, Германија и во Италија. Истовремено, Британскиот завод за статистика наведува дека 2,9 милиони државјани од 27-те членки на ЕУ живеат во Британија, што изнесува околу 4,6 отсто од нејзиното население. Во согласност со договорот за излегување од Унијата, и едните и другите ќе ги задржат своите права за престој и работа во земјата во која престојуваат. Слободата на движењето ќе важи до 31 декември 2020 година, а поединечни реципрочни права ќе бидат договорени по брегзит.
Британија неколку години преговараше за условите на „разводот“ од ЕУ со експертите на Еврокомисијата, на чело со главниот европски преговарач Мишел Барние. Но од утре преговорите ќе влезат во нова фаза. Покрај тоа, Британија до крајот на транзицискиот период ќе биде под надлежност на Судот на ЕУ и на европското право.
Во меѓувреме, Барние со земјите-членки го договара преговарачкиот мандат за спогодбата за идните односи, а на прво место за трговијата. Спротивно на договорот за повлекување, кој мора да го ратификуваат државите-членки и Европскиот парламент, договорот за трговија ќе мора да биде одобрен од над 30 национални и регионални парламенти.