Анализа

Што би се случило доколку САД навистина го напуштат НАТО и колку таквото сценарио е возможно. Ова се некои од дилемите што се актуелни меѓу безбедносните аналитичари и светската јавност по редицата најави на американскиот претседател Доналд Трамп дека доколку сојузниците не ги испочитуваат барањата за поголемо трошење во одбраната на Вашингтон, возможно е Америка да го напушти воениот сојуз.

Токму на оваа тема, американскиот магазин „Нешнл интрест“ пишува дека доколку навистина се случи таквото сценарио, Русија е неоспорниот победник во настаните што ќе следуваат.
Магазинот во аргументирањето на својата анализа користи податоци добиени од Меѓународниот институт за стратегиски студии (МИСС), кој е лоциран во Лондон, Англија.

„Нешнл интрест“ во неколкуте сценарија ги разработува ефектите во воено-стратегиските случувања, во кои НАТО (вклучувајќи ја и Канада) мора да се соочи со Русија без поддршка на САД.

– Во едно сценарио замислено дека се случува во 2021 година, Русија спроведува воени операции со кои ги окупира Литванија и Полска бидејќи тие територијално се граничат со руската провинција Калининград. Во меѓувреме, бидејќи Литванија и Полска како членки на НАТО го активираат членот 5, со кој овие руски акции се третираат како напад врз сите членови на сојузот, тогаш Алијансата, минус силите на САД, започнува подготовки за воени операции со кои ќе ја принудат Русија да се повлече од окупираните територии – пишува магазинот.

„Нешнл интрест“ прогнозира дека во офанзивата на НАТО, која би била наречена „операција источен ѕид или источна бура“, Алијансата ќе се соочи со големи проблеми, уште на самиот почеток бидејќи сојузот, едноставно кажано, нема да може да собере соодветен број трупи и воена сила за да ги поддржи операциите што планира да ги изведе.

Анализирајќи ги актуелните сили на Алијансата за брз одговор што сега се поставени по должината на руските граници, магазинот вели дека во таква една хипотетичка ситуација без американска помош сојузниците нема да можат да ги исполнат борбените квоти за спротивставување на руските сили, кои се добро обучени и опремени со тенкови и модерни оружја.

Според „Нешнл интрест“, овие квоти или број на оружје и луѓе за успешно да се спроведе операцијата треба да се сооднос од 2 наспроти 1 во корист на војниците на Алијансата.

Американскиот медиум во остатокот од својот текст врши процени на фазите на развојот на конфликтот меѓу НАТО и Русија и забележува дека постојат одредени проблеми во военото дејствување на сојузот како бавното распоредување на војниците, недоволниот број модерни артилериски системи и оружја со голем дострел.
Весникот додава дека токму поради овие слабости во првите фази на војната Русија со балистичките и крстосувачките ракети е во состојба да ги уништи воздушните бази на НАТО, со што дополнителни ќе го ограничи дејствувањето на воздухопловната сила на Алијансата.

Натаму, истакнува весникот, НАТО ќе има проблем и со својата морнарица, која ќе биде слабо ефективна во дејствувањето знаејќи го фактот дека дел од земјите во сојузот поседуваат муниција да спроведат само неколку дена воени операции и ништо повеќе.
Според „Нешнл интрест“, токму ваквата поставеност на случувањата може да формира клима во која земјите од сојузот ќе треба да соберат дополнителни 357 милијарди долари за набавка на средства за дејствување на морнарицата.

Во резимето на анализата, американскиот магазин заклучува дека на НАТО едноставно му треба Америка за да дејствува, бидејќи САД на Алијансата ѝ ги става на располагање своите многубројни сили, финансиската моќ, скапото оружје и логистиката, кои Европејците никогаш не можат самите да ги овозможат.

На истата тема, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека доколку САД одлучат да излезат од НАТО, Европејците би банкротирале бидејќи би потрошиле огромни суми на пари за обновување на одбранбената способност на Алијансата.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски коментирајќи ги овие натписи во медиумот заклучува дека сепак ваквата состојба е практично невозможна да се случи и покрај заканите за напуштање на Алијансата од страна на САД.
Аналитичарот потсетува дека НАТО е формирано од САД по Втората светска војна и тоа претставува продолжување на моќта на Америка во Европа и на Медитеранот, од што, пак, произлегува дека е нелогично оние што го креирале сојузот за свој интерес и влијание и да го напуштат исто така од свој интерес.