Посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на самитот Г20 во Јапонија донесе бура од разочарувачки изјави од негова страна, нешто на што досега сите требаше да се навикнат и да го очекуваат, објавува Си-ен-ен. Со секоја изјава и со секоја споделена објава на Твитер, тој ги китеше деспотите и се фалеше себеси, тврдејќи дека постигнал многу успеси. Можеби таквите успеси еден ден ќе дојдат. Но според многумина, денес не е тој ден. Трамп изведе извонреден перформанс на глобалната сцена, ставајќи го во прв план значењето на претседателските избори во САД кои ќе се одржат в година.
Светот ја виде досега познатата сцена: критики насочени кон сојузниците, љубов кон непријателите и еден куп лаги. Како шлаг на сето тоа, неговата ќерка и советник, Иванка Трамп, чие нејасно дефинирано портфолио не вклучува дипломатија на највисоко ниво, упорно позираше со светските лидери кои одвај можеа да ја прикријат нивната иритација. Таа беше насекаде, предизвикувајќи збунети погледи од светските лидери.
Однесувањето на Трамп исто така беше за подложено на критика. Во неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп не можеше да ја сокрие неговата завист кон успесите на Путин да ги замолчи критиките добиени од новинарите. Трамп исто така се пошегува во врска со наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година, а откако јавноста жестоко реагираше за ваквата шега, Трамп тврдеше дека подоцна се осврнал на ова прашање.
Друга тема за која Трамп, на некој начин, застана на страната на Путин е критиката за „западниот либерализам“ за кој Путин изјави дека е застарен. Какви и да се намерите на Путин, Трамп ја сврте темата само кон левичарите на сојузната држава Калифорнија, тврдејќи дека Путин на некој начин му честита за неговите постигнати успеси.
Кога станува збор за средбата на Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, за кого постои сомневање дека држи повеќе од три милиони лица во логори без никакви обвиненија и чија земја е полициско уредување со постојан надзор, Трамп изјави дека Си е одличен лидер. Тој исто така реши да не ги продолжи економските борби со Кина, на тој начин давајќи и предност на економијата наместо на национална безбедност, со што се согласи да ја преиспита забраната за телефонската компанија „Хуавеи“, за која разузнавачките агенции тврдеа дека шпионира за Кина.
Тука треба да се спомене и средбата на Трамп со саудискиот принц Мохамед бин Салман, на која Трамп изјави дека е екстремно лут во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги, за кое саудискиот принц се соочува со обвинувања од страна на Обединетите нации и од ЦИА. Сепак, Трамп успеа да се смири и изјави дека „никој не вперил прст кон принцот за убиството на новинарот“.
Сите овие постапки им даваат на американските гласачи еден нов поглед за надворешната политика во пресрет на претседателските избори во 2020 година. Трамп со неговите постапки покажа нарцизам, непотизам и морална празнина на неговата администрација. Од друга страна, противниците на Трамп, кои бројат 20 демократски кандидати, секој со различни погледи, идеи и желба за промена, во ситуацијата гледаат на секој начин да добијат замав на претстојните претседателски избори.