Германски цивил бил застрелан од огнено оружје додека се обидувал да стигне до аеродромот во Кабул. Според портпаролката на германската влада, Улрике Демер, погодениот цивил наскоро треба да го напушти Кабул со авион.
– Му била укажана медицинска нега, неговиот живот не е загрозен – додаде таа.
Пукањето, во кое бил погоден германскиот цивил, е дополнителен доказ дека владее хаос околу аеродромот во Кабул, наведува „Би-би-си“, додавајќи дека има извештаи за стотици луѓе во близина на влезот на аеродромот кои се обидуваат да избегаат од Авганистан.
Во прилог на тоа дека во Авганистан владее хаос оди и тврдењето на американската новинарка Саша Ингбер, која на Твитер објави дека од извор добила информација оти „ситуацијата во земјата се влошува и Американци биле претепани синоќа“.
– Една од нив, Американка, била претепана двапати иако имала американски пасош. „Вчера портпаролот на Пентагон рече дека Американците се пуштаат на аеродромот во Кабул и дека нема Американци повредени. Она што го слушам сугерира нешто друго. Американци се повредени и спречени да се качат на авионите – напиша Ингбер, повикувајќи се на својот извор.
Во исто време, талибанците спроведуваат организиран лов на луѓе од нивната листа на цели и тие се добро организирани, изјави за „Би-би-си“ Кристијан Нелеман, шеф на норвешкиот Центар за глобални анализи. Тој Центар доставува разузнавачки информации за Обединетите нации.
Европа се плаши од нов бран мигранти, а значајна порака испрати и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.