Податоци на скоро 1,000 избегани Севернокорејци беа хакирани од страна на непозната група, откако компјутер во центар за нивно згрижување во Јужна Кореа бил инфициран со комјутерски вирус, пренесува Би-би-си. Надлежното министерство во Ј.Кореја објави дека ова е прв „кибер“ напад од ваков тип во кој се објавуваат информации поврзани со луѓе кои избегале од режимот во Северна Кореја.
Центарот за згрижување на побегнати Севернокорејци во Јужна Кореја кој беше мета на нападот се наоѓа во провинцијата Северен Гјеонгсанг и е еден од 25-те центри од ваков тип кои згрижуваат околу 32 илјади луѓе кои се обидуваат да се прилагодат на новиот живот.
Се смета дека владата во Северна Кореја не го знае идентитетот на сите граѓани кои имаат пребегано во Јужна Кореја и дел од нив се сметаат за починати или имаат статус на исчезнати. Сè уште е нејасно дали информациите кои излегоа во јавноста ќе имаат влијани врз семејствата на избеганите кои се останати во Северна Кореја и дали тие ќе бидат некако санкционирани од режимот во оваа земја.
Останува отворено прашањето дали Северна Кореја стои зад хакерските напади или ова е дело на некоја друга хакерска група, но експертите за „кибер“ безбедност предупредија дека токму хакерите на лидерот Ким Јонг-ун ја зголемиле својата софистицираност и сега ефективно успеваат да хакираат податоци или веб-сајтови со најмодерна заштита.