Метеоролошките прогнози во САД за ураганот Флоренс се загрижувачки и покрај тоа што се очекува ураганот да скршне на лево во текот на неделава, со што сојузната држава Јужна Каролина ќе биде изложена на поголема опасност, пренесува Си-ен-ен.
– Ударот нема да биде лесен. Ова ќе биде удар во стилот на Мајк Тајсон (славен американски боксер – н.з.) на крајбрежјето на Каролина, од утре и во текот на викендов. Денес е последниот погоден ден за евакуација – порача Џеф Бајард, претставникот на Сојузната агенција за вонредни ситуации (ФЕМА).
Флоренс е една од најсилните бури на источниот брег на САД во последните неколку децении, чии ветришта достигнуваат брзина од 210 километри на час (ураган од категорија четири).
Наложена е итна евакуација на повеќе од еден милион луѓе од сојузните држави Северна и Јужна Каролина и од Вирџинија. Во делови од САД е прогласена вонредна состојба и се преземаат мерки за заштита, како што е пренасочување на сообраќајот, додека училиштата и јавните установи се затворени и ќе бидат пренаменети во скривници.