Според „ЕУ обсервер“, односот на сојузничките сили со Турција во НАТО одамна е нарушен, но улогата на Анкара во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан и нејзините односи со Москва само дополнително ги разгоруваат тензиите во Алијансата

Турција и Русија и во новата година решија да ја продлабочат меѓусебната воена соработка, и покрај американските санкции, што претставува чекор со кој се ризикува дестабилизацијата на НАТО, но во исто време преставува и дополнително оптоварување на и така компликуваните односи меѓу Анкара и Алијансата. Ова меѓу другото го наведува бриселскиот магазин „ЕУ обзервер“, кој во свој текст ги анализира последните чекори на турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, кој уште на 29 декември најави ново продлабочување на односите со Москва и подигање на нивото на воената соработка меѓу овие две земји.
– Турција со сите свои пријатели претпочита сите прашања да ги решава на преговарачка маса, па дури и она за рускиот систем за ракетна одбрана с-400. Во таа насока, соработката со Русија за изградбата на гасоводот „Турски тек“, кој ќе води до ЕУ, но и соработката меѓу двете земји за испораката на вакцини ќе продолжи и понатаму, без оглед на притисоците однадвор – истакна Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни додаде дека американските санкции наметнати поради набавката на руското оружје може да се сметаат за чин на агресија против суверените права на неговата држава, при што посочи дека Турција нема да се откаже од своите намери.

Турско присуство во Азербејџан

Паралелно на ова, на истата тема „Форин полиси“ пишува дека во последователните кризи во изминатите неколку години, токму поради врските на Анкара со Москва, турските односи со многу членки на НАТО се заладија, но никогаш не пропаднаа во целост. Според магазинот, Турција го набави рускиот систем за воздушна одбрана и го налути Вашингтон. Во исто време, Турција им се спротивстави на Грција и на Франција во источниот дел на Медитеранот, ја нападна североисточна Сирија и се вмеша во Граѓанската војна во Либија. Сето тоа следуваше откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зазеде поавторитарен пристап по неуспешниот обид за пуч во 2016 година. Многумина се прашуваат каде ќе биде пресвртницата и колку е блиску таа, особено што власта во САД ја доби претседателскиот кандидат Џо Бајден, кој сигнализира поцврст став кон Турција за разлика од администрацијата на Трамп, пишува „Форин полиси“.

Политика на „пријателство“

Според Сенем Ајдин Дузгит, професорка по меѓународни односи на истанбулскиот универзитет „Сабанџи“, Анкара, со децении западно ориентираниот став во голема мера се потпирал на принципот на Кемал Ататурк, основачот на современата република, за „мир дома, мир во светот“. Сепак, како што објаснува професорката по меѓународни односи, таквата политика на сегашниот претседател почна да се менува.
– Повлекувањето на САД од Блискиот Исток и недостигот од единство во ЕУ отворија простор во кој Турција може посилно да се наметне – смета Ајдин Дузгит.
Во меѓувреме, наспроти пишувањата на западните медиуми, интересно е што турскиот официјален став е дека држава не барала поблиски односи со Русија како алтернатива на зближувањето меѓу НАТО и Европската Унија (ЕУ). Според „Еу обсервер“, во круговите на Алијансата постоеја надежи дека САД и Турција ќе ги надминат недоразбирањата за договорот за рускиот систем за ракетна одбрана „с-400“, но Турција се најде во судир со ЕУ поради истражувањата на морското дно во близината на кипарските и грчките води, што само го продлабочи раздорот со западните сојузници. Сепак, Конгресот на САД неодамна презентира резолуција со која се бара протерување на Турција од НАТО. Како што пренесува магазинот „Геополитика“, резолуцијата беше поднесена од пратеникот Тулси Габард, во која меѓу другото се наведува дека поради давањето отворена помош за Азербејџан во воените дејства во Нагорно Карабах, но и испраќањето борци за Исламската држава и други терористички организации во воените зони, Анкара треба да биде извадена од Алијансата бидејќи го загрозува нејзиното функционирање.


Сите претседатели и воени советници секогаш со себе ги носат неопходните инструменти за да ги контролираат нуклеарните оружја на државата во секое време и во секое место. Двата инструмента, познати како „нуклеарен фудбал“ (актовка) и „нуклеарен бисквит“ (активациски кодови), секогаш со себе ги носи американскиот претседател и му се предаваат на неговиот наследник на денот на инаугурацијата, обично напладне.
Но овој пат, поради најновите инциденти и поради фактот што Трамп не прецизира дали ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, трансферот може да биде посложен. Ако претседателот Трамп не присуствува на инаугурацијата, се смета дека Пентагон може да му ја додели новата нуклеарна актовка на Бајден додека трае неговата инаугурација, а на Трамп во тој момент ќе му престанат ингеренциите. Од друга страна, ако претседателот Трамп добие импичмент или биде отстранет од функцијата според 25-от амандман, тогаш потпретседателот Мајк Пенс станува вршител на претседателската должност и „фудбалот“ е во негови раце до 20 јануари.