Повеќе држави се согласија на 33 милијарди долари. Заложбата на САД за НАТО останува многу голема. Прекрасно беше да се види степенот на
добра атмосфера, порача американскиот претседател по завршувањето на самитот на Алијансата во Брисел
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека успеал од сојузниците во НАТО да издејствува поголеми финансии за буџетот на Алијансата. По завршувањето на средбата во Брисел, Трамп порача дека е „многу стабилен гениј“ и прогласи сопствена победа на самитот на НАТО, кој вчера заврши во белгиската престолнина.
– Многу сум доследен, јас сум многу стабилен гениј – истакна Трамп.
Тој порача и дека самитот бил прекрасен и оти тој го добил тоа што го бараше – повисоки финансиски приливи за буџетот на Алијансата.
– Имаме огромен напредок. Повеќе држави се согласија на 33 милијарди долари. Заложбата на САД за НАТО останува многу голема. Прекрасно беше да се види степенот на добра атмосфера, неверојатно е добро ќе се согласиме и за Русија – наведе Трамп на прес-конференција во Брисел.
САД одамна го критикуваат фактот што преостанатите сојузници не го споделуваат на фер начин товарот на буџетот на НАТО, со издвојување помалку од два отсто од БДП за потребите на одбрана, колку што беше претходно договорено. Трамп тврди дека повеќето членки се согласиле што побрзо да ја остварат поставената цел за издвојување средства во висина од два отсто од БДП за одбраната. На прес-конференцијата шефот на Белата куќа повеќе пати ја повтори својата „воодушевеност од дискусиите со сојузниците и добрата атмосфера“, како и од резултатите од самитот.
– НАТО е сега посилен, НАТО не го правеше тоа што требаше, носевме преголем дел од товарот – порача Трамп.
Тој додаде и дека имал добар однос со германската канцеларка Ангела Меркел и дека верува во иднината на Алијансата.
– Имам огромна почит за Германија, татко ми беше од Германија, двајцата родители ми беа од ЕУ. Унијата сега на 25 јули ќе дојде да преговара со мене, чесно. Ако не е чесно, ќе направиме нешто со милионите возила што влегуваат во САД и се речиси целосно неоданочени. Јас само сакам фер однос за САД. НАТО е многу важен, но повеќе ѝ помага на Европа отколку нам – истакна американскиот претседател.
Коментирајќи ја претстојната средба со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп порача дека Русија е конкурент, а не непријател.
– Дали ми е непријател? Не ми е непријател… Се надевам дека можеби еден ден ќе ми биде пријател. Едноставно не го познавам доволно добро – додаде Трамп.