Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги отфрли обвинувањата од книгата на неговиот поранешен советник за национална безбедност, Џон Болтон. Тој кажа дека книгата, која ќе биде објавена следната недела, е чиста фикција.
– Книгата на Џон Болтон е компилација од лаги и измислени приказни, со цел да бидам прикажан во лошо светло. Тој само се обидува да се одмазди затоа што го отпуштив, колку е болен – напиша американскиот претседател на Твитер.
Трамп вчера за „Волстрит журнал“ изјави дека Болтон е лажливец и дека сите во Белата куќа го мразат.
Претседателот на Одборот за разузнавање на Претставничкиот дом, Адам Шиф, оцени дека обвинувањата на Болтон се многу сериозни.
– Ако тоа што го тврди поранешниот советник е точно, тогаш тоа е уште еден доказ дека притисокот што го извршил Доналд Трамп врз Украина и за кој е обвинет, е дел од постојаната тенденција за злоупотреба на позицијата и искористување на овластувањата на владата на САД за лична и политичка корист кај странските влади – навел Шиф, кој доаѓа од редовите на демократите, во соопштението.
Во интервју за Еј-би-си, Болтон рече дека Трамп не е погоден за функцијата претседател.
– Мислам дека тој не е погоден за таа функција. Мислам дека тој нема вештини да ја извршува таа функција – рече Болтон во интервјуто што ќе се емитува во целост во текот на викендот.
Џон Болтон (71), кој го придружуваше Трамп за време на историскиот самит со лидерот на Северна Кореја, рече дека американскиот претседател бил повеќе фокусиран на фотографирање со Ким Јонг-ун, отколку на последиците од таа средба во дипломатска смисла.
Книгата на Болтон „Собата каде се случуваше сè: Мемоари од Белата куќа“ треба да биде објавена на 23 јуни, но делови од книгата се појавија во јавност.
Трамп го отпушти Болтон во септември 2019 година, по 17 месеци поминати како советник за национална безбедност.