Новата европска железничка мрежа на ултрабрзи возови наскоро ќе ги поврзува европските земји во современ транспортен железнички систем. Според најавите од Брисел, овие супервозови ќе патуваат до своите дестинации со огромни брзини дури и до 350 километри на час
Европските држави на големо работат во однос на реализирање на проектот за ултрабрзи возови, со кои преку најсовремена железница би се поврзувале сите краеви на континентот. Имено, по повеќе од 40 години по пуштањето во употреба на првиот ултрабрз воз (УРТ) во Франција, минатата недела беше претставена новата генерација на иконскиот брз воз. Неговото преставување пред јавноста доаѓа во моментот кога трката за производство на најдобра железничка брза пруга се загрева низ целиот свет, а особено во Европа. Според најавите, првиот мотор на новиот воз, кој официјално нема да биде пуштен во употреба до 2024 година за време за париските Олимписки игри, беше претставен на прес-конференција минатата недела во фабриката во Белфорт во источна Франција, а истиот тој може да развие брзини и до 350 км на час.
– Новиот воз наречен „Авелија хоризонт“ од Алстом на францускиот железнички оператор е модерен и модуларен, а истиот тој може да развие брзини и над 350 км на час. За разлика од претходните УРТ, новата влечна машина ќе може да се приспособи на големината на возовите во согласност со барањата со додавање или со отстранување вагони по потреба. Истото важи и за внатрешноста на вагоните, каде што просторот може брзо да се пренамени – соопштија првите луѓе на француската железница. Според пишувањата на „Јуроњуз“, Франција предничи со изградбата на ултрамодерната железничка пруга во земјата со изградени над 30.000 км на модерна пруга, каде што сообраќајот ќе може да се одвива со брзина од над 300 километри на час. Веднаш зад неа најмногу инвестираа Германија и Шпанија во изградбата на супержелезницата во Европа. Во меѓувреме, во извештајот на Виенскиот институт за економски истражувања, се предлага серија големи инфраструктурни проекти во Европа, вклучувајќи и европска железничка мрежа за брзи возови.
Експертите очекуваат францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, што го предложи пакетот пред неколку години, да ја ценат високата вредност на овој проект, кој има цел не само да избегне опасна и долготрајна рецесија туку и да овозможи брзо и безбедно патување во Европа и во време на други кризи како оваа со коронавирусот. Документот предлага „да се постави и европска зелена мрежа за брзи возови како дел од програмата за закрепнување од кризата ковид-19“. УРТ-мрежата треба да биде нова пруга со два колосека што ќе ги дополнува постојните мрежи. Целта е да се постигне просечна брзина во опсег од 250 до 350 км на час. Ова ќе им овозможи на патниците да го преполоват сегашното време на патување со железница во Европа. Институтот во Виена во својот предлог наведува дека оваа мрежа би можела да биде изградена во рок од само неколку години на Стариот Континент, а намерата е да се поврзат главните градови во ЕУ, но и да се продолжат железничките артерии и кон земјите со кои се граничи блокот.