Опаднатиот квалитет на услугата и храната што ја добиваат, за дел од патниците на „Дајмонд принцес“ претставуваат поголем проблем отколку неизвесноста со која се соочуваат додека се во карантин, поради ширењето на коронавирусот на крузерот што се наоѓа во Јокохама, Јапонија, пренесува „Гардијан“.
Тројцата македонски државјани на бродот се во добра состојба додека бројот на заразени се искачи на 161, по откриените нови 65 случаи изминатава ноќ, според последните информации. Згора, надлежните служби одлучија да го продолжат карантинот за уште девет дена.
Наспроти сите проблеми, патниците кои се навикнати на луксуз одбиваат да јадат, велејќи дека оброците не ги задоволуваат нивните очекувања, поради што храната пропаѓа и се фрла.
– Добив две парчиња лосос кои беа толку суви што не можев да ги јадам. Покрај тоа што губам тежина, тешко ми е да ја јадам храната што ни ја даваат – вели една патничка.
Карантинот и зголемениот број на заразени ги има засегна сите на бродот. Јардли Вонг од Хонгконг, објаснува дека ширењето на заразата предизвикува стрес.
– Плачам за да се ослободам од стресот – напиша Вонг на Твитер.
Голем дел од патниците изјавија дека се загрижени и стравуваат за своите работни места поради долгиот временски период на отсуство од работата.
Оние во кабините без прозорци имаат одобрен престој на палубата од 90 минути, но под строг надзор и наредба постојано да носат маски, како и наредба да бидат оддалечени еден метар еден од друг и да немаат никаков физички контакт.