Дел од екипажот на стујаредси на меѓународната компанија „Малиндо ер“ е обвинет за криумчарење на големи количества на хероин и метамфетамин со милионска вредност од Азија во повеќе австралиски градови, како дел од меѓународна криминална организација, пренесува Си-ен-ен.
Австралиската федерална полиција уапси два члена на екипажот и шест други луѓе во склоп на шестмесечна акција со името „операција Санрајз“. Во уапсените има четири жени кои се смета дека учествувале во нелегалните активности за внесување на дрога во Австралија.
Стујардесите на малезиската „Малиндо ер“ криумчареле големи количества на дрога како соработници на голема криминална организација и се смета дека токму тие биле главните луѓе на операцијата. Според проценките на полицијата, тие најмалку 20 пати успеале да внесат различни видови на дрога во земјата.
Портпаролот на Секторот за криминал во австралиската федерална полиција за медиумите изјави дека тие биле следени подолг период и врз основа на тие следења се спровела полициската акција.
Компанијата преку соопштение за јавноста кажа дека се информирани за апсењето на најмалку еден од нивните вработени и информираше дека тие сè уште немале никаков контакт ниту со обвинетите, ниту пак со властите во Австралија.
– „Малиндо ер“ е подготвена да соработува со сите надлежни институции во Австралија и Малезија – стои во соопштението од компанијата. Тие дополнително кажаа дека ова е изолиран инцидент и дека сите вклучени во акцијата ќе бидат отпуштени од работното место.
Цел на полицијата во оваа акција била високоорганизирана виетнамска група која дејствува во Мелбурн, Австралија повеќе години. Се смета дека токму оваа група е одговорна за внесување на квалитетен хероин и метамфетамин од Малезија.
Австралиската полиција потврди дека во операцијата се запленети 8 килограми хероин со вреднот од 10,5 милиони американски долари, а во дополнителни активности во предградијата на Мелбурн на повеќе локации се запленети и 6 килограми метамфетамин со вредност 4,6 милиони долари. Додатно, од криминалната организација се одземени и половина килограм кокаин, возило „порше“ и значајни суми на пари.