Авторка: Стефани Бодони

Блумберг

Ова е приказна како од шпионски роман со незаконски снимки од озвучен часовник, шифриран диск полн со тајни, бизарна лозинка и отстранување од функцијата на еден европски лидер со најдолг мандат.

Наместо Москва, Виена или Лондон во ерата на Студената војна, настаните од 2013 година се случуваа во заспаниот Луксембург, со откритијата за наводно слободно дејствување на тајната служба, со што беше ставен крај на кариерата на Жан-Клод Јункер, кога беше премиер на оваа мала нација.

Седум години и две одложувања на судењето подоцна, Јункер, на кој неодамна му заврши мандатот на чело на Европската комисија во Брисел, мора повторно да се соочи со скандалот што го чинеше премиерската позиција, која премина во рацете на Ксавиер Бетел, кога три поранешни шпиони ќе излезат пред лицето на правдата на сослушувањата кои ќе започнат денес.

– Историски, ова ќе остане запаметено како случај кој доведе до крајот на политичката кариера на Јункер во татковината – изјави во едно интервју Алекс Бодри, социјалист кој ја водеше парламентарната комисија која ги истражуваше откритијата во 2013 година, пред да ја напушти политиката во јануари за да стане член на државниот Совет за безбедност.

Случајот се базира на обвиненијата дека тројца членови на разузнавачката служба на Луксембург ги злоупотребиле податоците на еден диск, кој наводно содржел докази за низа на нерешени бомбашки напади во државата во 1980-тите години. Агентите се обвинети за незаконско прислушување на човекот кој го предал дискот за да помогне да се дешифрира неговата содржина.

Незгодни прашања

Иако не му се суди на Јункер, кој заздравува од операцијата за отстранување на аневризма, случајот ќе се наврати на незгодните прашања. Случајот ќе го разгледува наводниот недостиг на надзор на шпионските операции, за кои како шеф на владата имал политичка одговорност и бил виновен, затоа што не реагирал порано или не ги известил законодавните тела.

Тајната служба беше обвинета за нерегуларности и можни незаконски активности, особено во периодот од 2004 до 2008 година, според извештајот од 2013 година до парламентот, поттикнат од откритијата во медиумите дека поранешниот шеф на агенцијата тајно снимил разговор со Јункер, со помош на уред скриен во часовник.

Службата беше формирана во 1960 година, пред сè како агенција за контраразузнавање за да ги следи непријателите за време на Студената војна, но исто така да има агенти што ќе комуницираат со нивните колеги во странство. Оваа агенција не се вклучува во интриги како што прават во Франција, Обединетото Кралство или Русија, според Жералд Арбоа, експерт по историјата на европското разузнавање.

– Не се работи за тајна операција на Џејмс Бонд, туку за мала служба која се справува со мали проблеми – вели тој.

Грешки

Во поголемата слика „веројатно има повеќе грешки и тајни брзоплети планови во светот на политиката, отколку во светот на разузнавањето“, смета Арбоа.

Марко Мил, кој беше на чело на разузнавачката агенција од 2003 до 2010 година, е еден од тројцата обвинети во случајот, заедно со поранешните агенти Андре Кемер и Френк Шнајдер. Сослушувањата ќе траат до 13 март.

Јункер, кој беше премиер на Луксембург од 1995 до 2013 година, негираше секаква лична вмешаност, но политичките сили во државата се свртеа против него во средината на 2013 година, кога беше изгласана недоверба во двочасовната седница во парламентот.

Бетел, кој ја презеде премиерската функција во декември истата година, го посочи Јункер како виновник затоа што не успеал да ги контролира шпионите.

– Не треба повеќе да се има доверба во премиерот – порача тој тогаш, пред парламентот.

Додека поголем скандал познат како аферата „Фризби“ можеби изгледа неважно надвор од државата, но внатре важи за еден од најголемите политички немили настани.

– Не беше мала афера, туку еден од најневеројатните, но и најсложен случај што сум ги видел во мојата политичка кариера – изјави Бодри.

Превод: Билјана Здравковска