Истрагата на „Њујорк тајмс“ открива

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп одговори на тврдењата изнесени во истрагата на „Њујорк тајмс“ која откри дека неговата кампања за реизбор вратила повеќе од 10 отсто од онлајн-донациите, односно 122 милиони долари од вкупно собраните 1,2 милијарди. Оние што дале пари онлајн морале да кликнат на одредено поле на интернет-страницата, за да го прекинат вложувањето на нови донации на неделна основа, но полето било тешко за забележување, како што тврди американскиот весник.

– Нашите напори за собирање на донации, во заедничката работа со Републиканската партија, беа направени легално – наведе Трамп преку соопштение.

„Њујорк тајмс“ претходно извести дека многумина неволно донирале во повеќе наврати за кампањата на Трамп бидејќи полињата за донации претходно биле обележани. Пензионери, воени ветерани, медицински сестри и политички оперативци биле меѓу оние кои уплатиле повеќекратни донации без нивна согласност. Многумина се жалеле на нивните банки и компании за кредитните картички дека се измамени, барајќи поврат на нивните донации.

Американскиот весник во написот „Како Трамп ги наведе симпатизерите на неволни донации“ го истакнува случајот на извесен Стејси Блат од Канзас Сити, кој е меѓу неволните донатори во кампањата за реизбор на Трамп.

– Стејси Блат бил на болничка нега минатиот септември, кога ги слушнал апелите од радиоводителот Раш Лимбау за големата потреба за пари на кампањата на Доналд Трамп, по што решил да донира колку што може, уплаќајќи 500 долари онлајн. Тоа била голема сума за 63-годишниот Американец од Канзас Сити кој боледувал од рак и чии приходи изнесувале помалку од илјада долари месечно. Нови 500 долари биле повлечени од неговата сметка следниот ден, а потоа уште 500 долари следната недела, и секоја друга недела до средината на октомври, без негово знаење. Се додека банкарската сметка на Блат не била испразнета. Тој се обратил за помош кон неговиот брат Расел кога не можел да ги плати сметките. Тие набргу дознале дека од сметката биле повлечени три илјади долари за помалку од 30 дена, за потребите на кампањата на Трамп – пишува „Њујорк тајмс“, додавајќи дека Блат починал од рак во февруари годинава.

Податоците покажуваат дека кампањата на Трамп вратила 10,7 отсто од парите собрани минатата година на интернет-страницата „Винред“, во споредба со 2,2 отсто од вратените донации од кампањата на претседателот Џо Бајден, преку платформата „Актблу“.

„Њујорк тајмс“ посочува дека Трамп не ги негирал податоците изнесени во нивната истражувачка сторија, туку тврдел дека бројот на жалби за онлајн донациите опфаќал помалку од еден отсто од извршените трансакции. Тоа би претставувало околу 200 илјади оспорени донации, за кои неговата кампања истакна дека изнесуваат вкупно 19,7 милиони долари. Кампањата и Трамп не дадоа одговор дали тој имал сознание за шемата со обележените полиња за донации.