Инцидентот се случува во период на значајно влошување на односите помеѓу сојузниците од НАТО, Вашингтон и Анкара, поради притворањето на американскиот свештеник Ендру Бренсон во Турција, обвинет за вмешаност во обидот за државен удар во 2016 година. Како одговор на тоа, Вашингтон воведе санкции врз турските министри за правда и внатрешни работи, а американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми тарифите за увоз на турски алуминиум и челик
Непознати напаѓачи истрелале повеќе куршуми врз американската амбасада во Анкара, при што во инцидентот нема жртви. Нападот бил извршен од возило во движење, а турската полиција трага по осомничените. Инцидентот се случува во период на значајно влошување на односите помеѓу сојузниците од НАТО, Вашингтон и Анкара, поради притворањето на американскиот свештеник Ендру Бренсон во Турција. Бренсон е обвинет за вмешаност во обидот за државен удар во 2016 година и се соочува со затворска казна во траење од 35 години. Како одговор на тоа, Вашингтон воведе санкции врз турските министри за правда и внатрешни работи, а американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми тарифите за увоз на турски алуминиум и челик. Поради тоа, сѐ повеќе западни дипломати и експерти дебатираат за оправданоста на турското членство во НАТО и иднината на Анкара во воената алијанса.
Турската полиција соопшти дека напаѓачите истрелале пет или шест куршуми, кои завршиле во стаклото на кабината на обезбедувањето на Порта 6 од амбасадата. Напаѓачите пристигнале со бел автомобил и успеале да избегаат со возилото пред да биде забележена неговата регистарска табличка. Според полицијата, и натаму трае потрагата по напаѓачите и нивното возило.
Односите помеѓу Турција и САД сѐ повеќе се влошуваат изминатиот период, а особено по одбивањето на Анкара да го ослободи американскиот пастор Бренсон, кој се товари за тероризам и помагање на државниот удар против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2016 година. Анкара тврди дека нема да го пушти на слобода Бренсон, додека, пак, дипломатски извори оценуваат дека турските власти сакаат да го заменат него со влијателниот турски свештеник Гулен, кој живее во егзил во САД. Ердоган повеќепати порача дека Гулен е главниот мозок зад државниот удар и оти ќе стори сѐ за да го изведе пред судовите во Турција. Вашингтон не можеше да го скрие гневот поради пркосењето на Анкара, а администрацијата на Трамп не чекаше многу да воведе санкции за двајца турски министри и да ги зголеми тарифите за турскиот челик и алуминиум. Економскиот притисок предизвика слободен пад на вредноста на турската лира, и тоа на историски ниско ниво. Ердоган го обвини Вашингтон за намерни напади врз турската економија и го повика турскиот народ да го отфрли доларот во корист на лирата.
Во меѓувреме, американскиот експерт за Блискиот Исток, Мајкл Рубин, оценува дека можеби звучи чудно кога таквите закани доаѓаат од една членка на НАТО, но тие сѐ почесто стануваат нова вообичаена практика во Турција. Рубин наведува за „Вашингтон пост“ дека уште во септември 2011 година, кога американска енергетска компанија почна да дупчи во водите на Кипар, турскиот министер Егемен Багиш предупреди дека „турската морнарица и маринците сѐ подготвени и сите опции се на масата“. Неодамна и Ердоган им се закани на американските сили во Сирија дека ќе се соочат со „отомански удар“.
Меѓутоа, како што пишува „Вашингтон пост“, турското непријателство не е ограничено само на зборови, бидејќи турски националисти нападнаа американски морнари, кога американски бродови неодамна впловија во турски пристаништа. Покрај тоа, функционери од владејачката АКП бараа апсење на американски војници во воздухопловната база Инџирлик. Неколку американски државјани, вклучувајќи го и свештеникот Бренсон, веќе се наоѓаат во турските затвори, под сомнителни обвиненија за тероризам и загрозување на националната безбедност на земјата.
– Но не беше отсекогаш така. Илјадници Турци се бореа рамо до рамо со американските сили во Корејската војна. Турција ревносно лобираше за приклучување кон западниот сојуз. Шефот на турската дипломатија Мехмет Фуат Копрулу во јануари 1952 г., непосредно пред да стане Турција членка, порача дека е императив демократиите да функционираат во целосна усогласеност, без меѓусебна конкуренција или разлика во политичките цели. Придонесот на Турција за сојузот беше огромен. Ако САД беа ’рбетот на сојузот, Турција беше неговата сила – пишува Рубин.
Турција и денес има повеќе војници од Франција и Германија заедно. Покрај тоа, не само што Турција беше една од единствените две членки на НАТО што се граничат со Советскиот Сојуз туку служеше и како главен бедем против радикализмот и тероризмот од Блискиот Исток. „Вашингтон пост“ оценува дека сето тоа беше пред доаѓањето на Ердоган на власт и оти со право се поставува прашањето дали на Турција и денес ѝ е местото во Алијансата.
Мет Бриза, бивш функционер на американскиот Совет за национална безбедност и заменик на помошник-државниот секретар, остро предупреди на кревањето раце од Турција.
– Откажувањето од Турција во овој момент би го ослабело НАТО, би го сузбило влијанието на САД на Блискиот Исток и би ја довело во опасност коалицијата, чија борба против Исламската држава ни оддалеку не е завршена – наведува Бриза.
И американскиот амбасадор во Турција, Џејмс Џефри, и неговиот колега Мајкл Синг тврдат дека откажувањето од Турција би значело дека самите себе си нанесуваат повреда.
– Турција не е само претседателот Ердоган, туку и регионален географски и економски гигант, кој претставува тампон-зона помеѓу Европа и Блискиот Исток и помеѓу Блискиот Исток и Русија – наведуваат Џефри и Синг.
Меѓутоа, Рубин оценува дека сето тоа добро звучи во теорија, предупредувајќи дека Бриза, Џефри и Синг го игнорираат тоа што 15-годишното владеење на Ердоган го направи од бившата сојузничка на САД.
– Земете ја на пример турската војска, која некогаш беше секуларен бедем против исламскиот екстремизам, а на која Ердоган ѝ го смени карактерот. Речиси сите офицери, од најнизок до највисок ранг, служеа цело време под власта на Ердоган. Ердоган исто така ги искористи повеќето теории на заговор за воениот удар, за да го спречи унапредувањето на професионалните и секуларни офицери, а за да именува политички симпатизери. Ги елиминира речиси сите што дадоа значаен придонес во НАТО, а и пред неуспешниот воен удар во 2016 година веќе уапси пет генерали – пишува американскиот експерт.
Ердоган во „Њујорк тајмс“ лично предупреди дека поради постојаното непочитување, Турција ќе мора да бара нови пријатели и сојузници, што, според Рубин, е несуптилна закана дека ќе се сврти кон Русија.
– Вистинската закана за НАТО не е турското повлекување или свртувањето кон Русија, туку нејзиното останување во сојузот. Одлуките во НАТО се носат со консензус, а Турција буквално би можела да ја одигра улогата на тројански коњ и да ја опструира секоја акција во случај на криза – заклучува Рубин.