Бројот на жртвите на канадскиот масовен убиец се зголеми на 22, објави полицијата. Се уште се истражуваат 16 локации, на кои ноќта во саботата, 51-годишниот забен техничар, Габриел Вортман, од засега непознати причини, облечен како полицаец ги изврши ужасните убиства.
Полицијата го уби во престрелка во неделата претпладне во близина на Халифакс, главниот град на Нова Шкотска, по крвавиот поход на патот долг 100 километри, кој траел повеќе од 12 часа.
Жртвите се убиени на неколку локации. Канадските медиуми почнаа со нивната идентификација- покрај полицајката Хајди Стивенсон се и медицинска сестра и наставничка.
Како што за Си-ен-ен открил извор близок до истрагата, убиецот возел автомобил сличен на полициски и бил облечен како полицаец. Се претпоставува дека ги сопирал жртвите и ги убивал.