Поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон денеска ја обвини Европската унија за двојни стандарди, бидејќи сака да го признае Хуан Гуаидо за легитимен времен претседател на Венецуела, а во исто време го игнорирала неговиот обид за прогласување независност на Каталонија.
– Јас бев избран за претседател од страна на демократски легитимен Парламент, а мене ме разреши човек кој сега има само четири члена во регионалниот Парламент на Каталонија – изјави Пуџдемон, алудирајќи на поранешниот шпански премиер Маријано Рахој, чија Народна партија на последните каталонски регионални избори освои само четири пратеници.
Според него, ваквата политика не ЕУ претставува „двоен стандард“, кој е „срамен за Европа“
Пуџдемон, кој се наоѓа во егзил во Белгија, истакна дека преку судскиот процес против 12-те каталонски сепаратистички лидери, чиј почеток е предвиден за идната недела, Шпанија „сака одмазда, а не правда“.
– Ние ги поддржуваме (12-мината) и им помагаме, бидејќи трпат страшна неправда и се наоѓаат во понижувачка состојба. Нив ги користат за да дадат пример – смета Пуџдемон.
Тој оценува дека евентуалното казнување на неговите 12 соработници, ќе му даде поттик на сепаратистичкото движење, кое, според него ќе добие поддршка на мнозинството Каталонци.
– Тој момент ќе дојде и кога ќе се случи тоа, ние ќе го имаме целиот легитимитет да ги донесеме одлуките за кои веќе решивме во Парламентот и ги ретификувавме на референдум – истакна Пуџдемон, нагласувајќи дека одлуката на Парламентот во Барселона за прогласување независонсот на Каталонија е се уште во сила.