Првите четири патувања на претседателот на САД, Доналд Трамп по инаугурацијата во 2017 година до неговата приватна резиденција и голф клуб Мар-а-Лаго во Палм Бич на Флорида, ги чинеле американските даночни обврзници речиси 14 милиони долари, се наведува во извештајот на владината ревизорска служба ГАО.
Како што јави дописиникот на МИА од Вашингтон, според податоците на ГАО, за четирите патувања на Трамп во Мар-а-Лаго од 3 февруари до 5 март 2017 година, федералнитте институции потрошиле околу 13,6 милиони долари.
Голем дел од оваа висока сума, односно 10,6 милиони долари, биле потрошени за обезбедување на претседателот. Три милиони биле наменети за покривање на трошоците за престој на Трамп, а останатите средства за плата за луѓето кои го придружувале на тие патувања.
Белата куќа не ги коментираше овие трошоци, но од Администрацијата претходно укажуваа дека претседателот „работи дури и за време на одморот“.
Некои медиуми објавија дека во првата година од претседателскиот мандат, Трамп користел одмор во должина од 100 дена, од кои 67 денови играл голф.