И покрај сегашната деескалација на ситуацијата, не е променет ниту еден од основните фактори што ги доведоа двете земји до работ на отворен воен конфликт, оценува Би-би-си
Кризата предизвикана од американската ликвидација на иранскиот командант Касем Сулејмани не ескалира во отворена војна помеѓу САД и Иран. Во таа насока, може слободно да се каже дека навистина има деескалација на ситуацијата. Но, сепак, не е променет ниту еден од основните фактори што ги доведоа двете земји до работ на отворен воен конфликт. Во продолжение следуваат пет причини поради кои кризата помеѓу Техеран и Вашингтон е далеку од завршена.
Деескалацијата е привремена
Иранските лидери сторија сѐ што можат за да се одмаздат за убиството на Сулејмани. Иран сакаше да одговори со напади на американски цели и притоа да испрати јасна порака. Поради тоа, Техеран ги истрела проектилите од своја територија, но, сепак, беше ограничен во своите акции од практични и политички причини. Сакаше нешто брзо да стори и истовремено не сакаше да почне отворена војна. Некои експерти погрешно сугерираат и тоа дека преземањето на вината за соборувањето на украинскиот патнички авион беше во насока на деескалацијата. Сепак, не треба да се заборави дека властите во Техеран првично ја негираа вината, а просторот за маневар се стесни откако Американците и Украинците понудија докази дека авионот е соборен од ракета. Па, така, преземањето на вината повеќе е поврзано со домашните проблеми на Иран, кој пред неколку месеци се соочи со бран масовни протести против корупцијата и влошената економска состојба.
Американската политика не се менува
Американската одлука за ликвидацијата на Сулејмани всушност претставува обид за воспоставување јасна линија за одвраќање. На краток рок, тоа можеби ќе функционира, а Иран ќе мора многу внимателно да ги промислува своите идни чекори. Но во исто време додека претседателот Доналд Трамп се заканува со уништување на Иран, тој исто така сигнализира дека и понатаму сака повлекување на САД од Блискиот Исток. Трамп го смета Блискиот Исток за туѓ проблем. Затоа, САД ќе продолжат со строгите санкции. Но тие сепак не го вратија Техеран на преговарачката маса. Наместо тоа, санкциите само го охрабрија Иран да возврати со сопствена кампања за максимален притисок.
Иранските стратегиски цели остануваат исти
Стратегиската цел на Иран е да ги избркаат САД од регионот, или барем од Ирак, и сега таа можеби е поблиску до остварување отколку што беше пред убиството на Сулејмани. Од перспектива на иранските власти, политиката на Техеран имаше многу успеси. Таа го спаси режимот на претседателот Асад во Сирија и овозможи отворање нов фронт против Израел. Иран исто така има значително влијание и во Ирак. Истовремено, поради контрадикторноста на политиката на Трамп, американските сојузници во регионот сѐ повеќе се чувствуваат оставени сами. Па, така, Саудијците водат разговори на ниско ниво со Техеран, а Турција почна со воспоставувањето нови односи со Русија. Само израелската влада по сѐ изгледа смета дека убиството на Сулејмани значи повторно ангажирање на Трамп во регионот.
Контрадикторна позиција на Ирак
Ирачката привремена влада се соочува со криза предизвикана од бранот на народни протести. Многумина Ирачани се несреќни од американското присуство и од иранското влијание во земјата. Ирачкиот парламент донесе необврзувачка резолуција, која на политичката агенда го зацврсти барањето за американско повлекување од земјата. Тоа не значи дека американските војници утре ќе го напуштат Ирак, но ќе биде потребна силна дипломатија за да останат таму. Доколку американските војници бидат избрани, ќе биде многу потешко да се спречи воскреснувањето на Исламската држава. Тоа исто така значително ќе го отежни американското присуство во источна Сирија, кое во најголем дел е поддржано од американските бази во Ирак.
Нуклеарниот договор е во сериозна неволја
Нуклеарниот договор има големо значење. Пред договорот постоеше голем реален ризик од војна, во која Израел речиси сигурно ќе ја нападнеше иранската нуклеарна инфраструктура. Откако САД во 2018 година се повлекоа од договорот, Иран ќе продолжи со обидите да ги задржи на своја страна преостанатите потписнички. Сепак, и покрај европските напори, не постои начин за намалување на американскиот економски притисок на Техеран. На крајот, договорот може целосно да пропадне, а Иран во меѓувреме да ги засили напорите за производство на нуклеарно оружје.