Во интервју за „Еј-би-си њуз“, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе плати“ доколку биде потврдено оти имало мешање од страна на Москва во минатогодишните избори во САД, пренесуваат светските медиуми.
Во извештајот објавен од Кабинетот на директорот за национално разузнавање, се заклучува дека Москва се обидела да влијае на изборите преку лажни или неиздржани тврдења против Бајден, а да го поддржи Доналд Трамп преку американските медиумски организации, американските официјални лица и неговата администрација. Според хакерските и кампањски влијанија, американските разузнавачки служби претходно заклучија дека Русија исто така се обидела да влијае на изборите во 2016 година.
– Путин ќе плати за мешањето во изборите. Имавме долг разговор, а јас го знам него релативно добро. Му реков, ако утврдам дека тоа се случило, тогаш биди подготвен – изјави Бајден за време на интервјуто.
На прашањето дали мисли дека Путин е убиец, Бајден одговорил со „да“.
Бајден не откри детали за тоа со какви последици би се соочил Путин во врска со извештајот за мешање на изборите, но се очекува воведување на понатамошни санкции за Москва.
Кремљ, пак, тврди дека извештајот на американското разузнавање за мешањето на изборите „нема апсолутно никакви основи и докази“ и предупреди дека натамошните санкции ќе им наштетат на односите меѓу САД и Русија. Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, в сабота ќе замине на итни консултации во Москва, бидејќи, како што кажа, билатералните врски меѓу двете земји се на работ на колапс.
– Забелешката на Бајден е неприфатлива во какви било околности. Повикувањето на рускиот амбасадор нема да биде последната руска реакција, освен ако нема извинување од американска страна – објави на Фејсбук Константин Косачиов, заменик-претседател на горниот дом на рускиот парламент, предупредувајќи дека ризиците од неповратно влошување на односите со новата американска администрација се големи, но сепак Русија сè уште се надева дека ќе ги избегнат недоразбирањата меѓу двете земји.