Унгарскиот премиер Виктор Орбан нема да дозволи сумата од милијарда евра да ја загрози неговата репутација на моќник кој се соочува со Европската Унија, на помалку од една година од парламентарните избори во Унгарија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Се очекува Унгарија да ја добие сумата како прва транша од пандемискиот фонд на ЕУ според кој и следуваат 7,2 милијарди евра, но Брисел уште не го одобрил пакетот. ЕУ ја наведува загриженоста поради корупцијата како причина за застојот. Но унгарскиот премиер ги претставува несогласувањата со Брисел во врска со спорниот анти-ЛГБТ закон во Унгарија како причина за одложувањето на исплатата.
Ваквиот став би можел да му овозможи на Орбан тивко да се потчини кон антикорупциските барања на Брисел, а истовремено да изгледа како да му се спротивставил на европскиот блок, според аналитичарите. И министрите во унгарската влада ја прифатија стратегијата на Орбан, бранејќи ги идеолошките вредности.
Вицепретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис кажа дека Брисел предложил продолжување на рокот за пристап до финансискиот план за закрепнување на Унгарија до 30 септември. За продолжувањето ќе биде потребна согласност од Будимпешта.
Познавачите на состојбите сметаат дека спорот му пружа прилика на Орбан бидејќи се очекува изборите следната пролет да бидат најтесни откако неговата партија Фидеш дојде на власт во 2010 година. Тоа се должи на обединувањето на шест опозициски партии зад еден кандидат.