Турската опозиција ја обвини власта на претседателот Реџеп Таип Ердоган за диктатура, откако официјалните лица наредија прегласување за градоначалник на Истанбул. Претходно на изборите, кандидатот на партијата на власт доживеа изненадувачки пораз, јавува „Јуроњуз“.
Опозициската партија со кандидатот Екрем Имамоглу победи во Анкара и во Истанбул за првпат по 25 години, што според многумина беше голем пораз за Ердоган, кој и самиот беше градоначалник на градот во 1990-тите години.
Заменикот претседател на опозициската Социјалистичка партија иронично рече дека во Турција било нелегално да се победи партијата на Ердоган.
– Ова е систем што оди против волјата на граѓаните и ги занемарува законите. Ниту е демократски, ниту легитимен. Ова е чиста диктатура – рече Онурсал Адигузел.
Партијата на Ердоган и соработниците пак се жалеа за нерегуларности кои според нив, влијаеле на крајниот исход на изборите. Изборната комисија ја прифати жалбата вчера попладне и сега е јасно дека гласачите повторно треба да излезат на избори за градоначалник на Истанбул на 23 јуни.
Поради одлуката за прегласувањето, во повеќе населби во Истанбул беа забележани протести и дел од граѓаните на најголемиот град во земјата се спротиставија на одлуката.
Кати Пири, претставничката од Европскиот Парламент задолжена за Турција рече дека одлуката за прегласувањето е донесена под притисок на партијата на Ердоган.