Лидерот на шпанските социјалисти Педро Санчез, во присуство на кралот Филипе Шести, денеска положи заклетва како иден премиер на земјата. Свечената заклетва се одржа во палатата Сарсуела. Санчез ќе именува свој кабинет следната недела.
Шпанскиот Парламент вчера му изгласа недоверба на досегашниот премиер Маријано Рахој. За недоверба на малцинската Влада на Рахој, чија партија минатата недела беше осудена за корупција гласаа 180 пратеници, додека 169 беа против.
После седум години, власта повторно ја преземат социјалистите, кои со конзервативците во изминатите четири декади се сменуваат на власт.
Смената на власт во таа медитеранска земја со 46,5 милиони жители се случува во моменти на економско заздравување, барање за независност на Каталонија, како и загриженоста на Брисел поради новоформираната власт во Италија.
Левоцентристичката Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), која беше иницијатор за гласањето недоверба на владата, доби поддршка од девет помали опозициски партии, што овозможи 180 од вкупно 350 пратеници да гласаат за смена на власта.
Со изгласувањето недоверба, власта автоматски ја презеде најголемата опозициска партија ПСОЕ, која има само 84 пратеници. За да остане на власт до 2020 година, за кога се закажани следните избори, ќе мора да постигне договор со леворијентираната Подемос, со која досега се разидуваше за економските прашања, но пред се ќе треба да се договори со партиите кои заговараат независност на Каталонија и Баскија.
Санчез (43) се противи на референдумите за независност, како и неговиот претходник Рахој. Според последните анкети, најпопуларна партија се „Граѓани“, исто така противници на референдумите, а кои бараат предвремени избори во Шпанија.
Државниот суд на Шпанија пред една недела им изрече затворски казни на политичарите и бизнисмените вмешани во договори со рекет, кои помогнале за финансирање на Народната партија (ПП) Пресудата беше голем удар за партијата на премиерот Рахој, која е казнета со 245 илјади евра, бидејќи користела илегални средства за финансирање.
Рахој, кој мораше да сведочи, рече пред судот дека не знаел со какви средства се финансирала неговата партија. Франциско Кореа, бизнисмен за кој се верува дека бил „мозокот“ на корупцијата е осуден на речиси 52 години затвор, а поранешниот сметководител на Народната партија, Луис Барсенас на 33 години и парична казна од четири милиони евра. Илегалното финансирање се случувало во периодот од 1999 до 2005 година. Рахој аргументираше дека ниту еден член од актуелната влада не е осуден. Сепак, за опозицијата тоа не беше доволно убедливо за ПП да остане на власт, па и покрај меѓусебните разлики и несогласувања успеаја да се договорат и заедно да изгласаат недоверба на владата.
Следните избори се закажани за 2020 година, но шпанските медиуми навестуваат можност дека Санчез би можел да свика предвремени избори. Тие анализираат дека доколку тој не успее да постигне договор со Подемос и партиите кои заговараат независност на Баскија и Каталонија, предвремени избори ќе бидат неминовност.