Владата ја поздрави препораката на управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), до сите градоначалници, за примена на алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

На одлуката на УО на ЗЕЛС и претходеше работна средба меѓу министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и Петре Шилегов, како претседател на УО на ЗЕЛС, на која беше разговарано за можностите, алатката за отчетност да се применува и во рамки на локалната власт.

– Оваа одлука добива на уште поголемо значење ако се земе предвид фактот дека локалната власт во Република Македонија е целосно независна во креирањето на своите политики, и затоа прифаќањето на оваа препорака говори за високата свест и на претставниците на локалната самоуправа за значењето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на ниво на единиците на локалната самоуправа – соопшти денеска владината служба за информирање.

Владата веќе ја применува алатката за службените трошоци на министрите и другите носители на јавни функции.

– Софтверското решение на оваа алатка овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на избраните функционери и да се прави споредба на трошоците по типови на трошоци, и во различни временски интервали, и првпат во политичката пракса во Република Македонија, на најотворен, најтранспарентен начин, се става на увид работењето државните службеници и на избраните функционери – стои во соопштението.