Франција месецов требаше да го покаже нејзиното влијание врз африканскиот континент кое не се однесува само на нејзините поранешни колонии, но вториот пуч во Мали за помалку од една година претставува несреќен потсетник за ограничувањата на француското влијание и на личните амбиции на Макрон во регионот, пишува „Блумберг“.
Францускиот претседател претходно месецов вети „нов договор“ за Африка за време на самитот во Париз чија цел беше поттикнување на финансиска помош за државите погодени од пандемијата. Дваесетина африкански шефови на држави беа присутни на самитот.
Макрон тврдеше дека самитот инспирирал промена во начинот на размислување иако беше јасно дека не може да ги реши финансиските проблеми на Африка, на која и се потребни 345 милијарди долари до 2023 година за да се справи со последиците од пандемијата, според проценките на директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.
Францускиот претседател веројатно се надеваше дека ќе продолжи да го демонстрира француското влијание, но неговото неодамнешно патување во Руанда беше засенето од настаните во Бамоко, Мали, каде што Франција се соочува со одредени грижи и историски должности како поранешна колонијална сила.
– Мали е клучен во амбициозната француска антитерористичка акција, наречена „Операција Баркане“ во регионот Сахел. Таа сега станува позната како „бесконечната војна“ на Франциуја, а постои и засилен политички притисок врз Макрон да ги врати 5.100-те војници распоредени во регинот – пишува „Блумберг“.
Воените офицери во Мали ја изнудија оставката на претседателот на Ибрахим Бубакар во август минатата година, со што воената хунта воспостави привремена администрација, ветувајќи враќање на граѓанското владеење по 18 месеци. Но минатата недела, кога привремената влада соопшти измени во кабинетот со кои беа изоставени два члена на хунтата, војниците ги заробија сегашниот претседател и премиер. Тие во меѓувреме беа ослободени, но лидерот на хунтата, Асими Гоита ја презема претседателската функција.
Макрон ги опиша настаните како „пуч во рамките на пуч“, поттикнувајќи ја Економската заедница на државите од Западна Африка да издејствува враќање на привремената власт. Но, спротивставувањето на хунтата би ги загрозило антитерористичките акции на Франција во Мали и пошироко. А Макрон веројатно се надева дека нема да има потреба да реагира на ваквата закана.