Мантрата на арапската пролет повторно се слуша. „Народот сака режимот да замине“, извикуваат десетици илјади незадоволни Алжирци, кои бараат крај на владеењето на претседателот Абделазис Бутефлика, кое почна во 1999 година. Нивните извици се слушаат до Судан каде што тримесечните протести го разнишаа режимот на Омар ал-Башир, кој владее во изминатите три децении. Демонстрантите во Ирак, Јордан, Либан, Мароко, Тунис и на палестинските територии, исто така, бараат подобра власт. Улиците во арапскиот свет повторно го креваат гласот, пет години откако беа замолчени од режимот, пишува британски „Економист“.
Ваквата ситуација повторно ја актуелизираше идејата за продолжение на арапската пролет, откако истите проблеми предизвикуваат загриженост денес. Но контекстот е сосема поинаков. Војните и хаосот што ја следеа арапската пролет го намалија еланот на активистите. А властите во регионот имаат цел да ја спречат појавата на нови протести. Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси предупреди на „копирање“ на протестите од Алжир, додека повеќе држави забранија масовни собири.
Социјалните медиуми и натаму служат за поттикнување на арапската пролет, односно за организирање на демонстрациите. Алжир има една од највисоките стапки на користење на Фејсбук во регионот. Но, сегашните протести во различните држави не се поврзани на социјалните мрежи преку одреден популарен термин (хаштаг), како што беше случајот во 2011 година.
Најголемите демонстрации во Алжир во последните 30 години, бележат постојан подем и делуваат незапирливо. Најголемата африканска држава која претставува столб во арапскиот свет, сега се соочува со неизвесност. Во 2011 година, арапската пролет го избегна Алжир, чии лидери гордо се потсмеваа на демонстрантите во соседните држави, додека ја изолираа нивната земја од остатокот од регионот. Сегашните демонстранти, пак, одржуваат дисциплина, исто како и оние во Судан, отфрлајќи го насилството.
– Ние не сме Сирија или Либија – порачуваат Алжирците, наспроти предупредувањата на државните лидери за можна појава на насилство.
Неизвесната ситуација во повеќе држави од арапскиот свет го актуелизира прашањето за појавата на нов бран на арапската пролет, во време кога протестите на Балканот исто така се неизбежна тема.
Протестите што почнаа во Белград на 8 декември минатата година се раширија низ другите српски градови, а можеби претставуваа инспирација и за слични протести во Албанија и во Црна Гора, каде што активистите се кренаа против властите. Но, и покрај растот на температурите на Балканот, масовните протести не треба да бидат сметани за почеток на „балканската пролет“, моделирана по револуциите кои го потресоа арапскиот свет во 2011 година, според познавачите на состојбите.