Германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, повика на продолжување на посветеноста на демократијата 31 година по германското обединување.
– Демократијата не е едноставно тука. Мораме да работиме на тоа, одново и одново, секој ден – рече конзервативната политичарка на церемонијата по повод 31-на година од Денот на германското обединување во центарот на градот Хале.
Таа нагласи дека повремено демократските достигнувања се сфаќаат несериозно. Дека се повеќе гледаме напади врз такви благородни вредности како слободата на медиумите.
– Сведоци сме на ширење огорченост и омраза во јавноста преку лаги и дезинформации. Демократијата е на удар – рече Меркел, додавајќи дека самата социјална кохезија е на тест.
Канцеларката се осврна и на нападите врз луѓето кои работат за општо добро, како што се пожарникарите и локалните политичари.
– На вербалната брутализација и радикализација што се случува таму не смеат да одговараат само оние што се жртви на тоа, туку секој мора да ја отфрли – рече таа, додавајќи дека сите премногу брзи вербални напади водат до насилство.
Меркел потсети на храбрите напори на многу луѓе во поранешна Источна Германија за време на мирната револуција во 1989 година, велејќи дека никогаш не смее да се заборави дека работите можеле да излезат поинаку.
Претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и Меркел присуствуваа на миса во црквата Св. Павле во град што бил во Источна Германија кога државата била поделена. После тоа, се одржа церемонија во салата на Георг Фридрих Хандел, концертна сала посветена на композиторот роден во 1685 година.
Ова е едно од последните јавни настапи на Ангела Меркел како канцелар.