Бангког – Најмалку 20 лица се ранети во бомбашки напад врз главната владина канцеларија на југот на Тајланд. Нападот е извршен додека локални функционери и муслимански свештеници разговараа за борба против коронавирусот. Најмалку 7.000 цивили и војници досега се убиени во муслиманскиот сепаратистички бунт во јужен Тајланд од 2004 година.
Москва – Уставниот суд оцени дека Законот за уставни амандмани, кој му овозможува на рускиот претседател Владимир Путин потенцијално да остане на власт уште 16 години, е во согласност со рускиот устав. Законот треба да биде потврден уште на референдум, кој е закажан за 22 април. Ако половината од излезените на гласање се изјаснат за уставните измени, тие ќе стапат во сила.
Техеран – Иран привремено ослободи околу 85.000 затвореници, меѓу кои и политички затвореници, како одговор на пандемијата на коронавирус. Властите велат оти половина од затворениците претходно биле уапсени зашто претставувале закана за безбедноста во државата.
Колумбус – Властите во Охајо решија да не ги отворат гласачките места за демократските внатрепартиски избори поради пандемијата на коронавирус. Републиканскиот гувернер на Охајо, Мајк Девајн, рече дека гласањето за време на кризата со коронавирусот ќе ги изложи гласачите на здравствен ризик. Тој додаде оти властите бараат можности да им овозможат гласање на други начини. Демократите во Охајо, Флорида, Аризона и Илиноис вчера требаше да изберат свои фаворити за демократски кандидат за претседател на САД.
Москва – Четири лажни дојави за бомби во авиони што летале кон Москва се регистрирани вчера, јавија руските медиуми. Анонимните дојави за бомби подметнати во авиони во Русија почнале на 3 март, а досега се регистрирани вкупно 14 дојави, за кои подоцна е утврдено дека се лажни. Дојавувачите барале исплата во биткоини и се заканувале со напади врз авиони, судови, продавници, авиони и авиопревозници.