Москва – Русија ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го задржи военото присуство во близината на нафтените полиња во североисточна Сирија. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги предупреди САД дека експлоатацијата на тие ресурси би била нелегална.
Берлин – Германската министерка за одбрана Крамп Каренбауер предложи иницијатива за испраќање сили на НАТО во Сирија, кои би помогнале во враќањето на безбедноста во земјата. Но некои од аналитичарите предупредуваат дека евентуалното реализирање на иницијативата може да ја отвори вратата за создавање „ново Косово на Блискиот Исток.
Стокхолм – Младата активистка против климатските промени, Грета Тунберг, ја одби наградата за заштита на животната околина, во висина од 52.000 долари, која ѝ ја додели „Нордик кансел“. Тунберг порача дека на климатското движење повеќе не му се потребни награди.
Киев – Украинскиот претседател Володомир Зеленски порача дека враќањето на деловите од Донбас, што не се под украинска контрола, ќе биде спроведено во три фази. Според Зеленски, трите фази се: примирје, помирување и безбедна реинтеграција.
Кишињев – Работа во мртовечници и во болници во иднина ќе биде казна за возачите што ќе бидат фатени како возат пијани во Молдавија. Молдавија воведе нова програма за сузбивање на општиот алкохолизам и возењето во пијана состојба, која се состои од 12 состаноци, во рамките на кои лицата што ќе направат сообраќаен прекршок ќе им помагаат на болниците во лекувањето на пациентите повредени во сообраќајни незгоди, а предвидена е и работа во мртовечници.