Украинското министерство за одбрана цврсто стои зад одлуката војниците од женскиот пол да маршираат во штикли на парадата која ќе се одржи на 24 август, во чест на 30-годишнината од одделувањето на Украина од Советскиот Сојуз, пренесува „Си-ен-ен“.
Според изјавата на „Арми Инфор“, официјалната новинска агенција на Министерството за одбрана, припадничките на украинската војска вежбале двапати дневно за да се навикнат на марширање во високи потпетици.
– Денес, за првпат трениравме носејќи високи потпетици. Потешко е отколку тренирање во чизми, но сепак ние се обидуваме да издржиме – изјави Ивана Медвид, кадетка на Воениот институт на Националниот универзитет „Тарас Шевченко“ во Киев.
Ваквата одлука разлути голем број пратеници откако локалните медиуми објавија фотографии и побараа од министерството за одбрана да се преиспита одлуката војниците од женскиот пол да носат потпетици додека маршираат.
Во украинските вооружени сили служат 57.000 жени, а Украина ги воведува стандардите на НАТО, според кои принципот на еднаквост на правата и обврските на војниците, без оглед на нивниот пол, важи безусловно.
– Чевли со високи потпетици се некомпатибилни со борбената способност на војниците, а „прускиот“ чекор на парадата може да предизвика штета по нивното здравје – се вели во заедничката изјава потпишана од министрите.
Како одговор на критиките, министерството за одбрана објави низа фотографии од армии на други земји во кои женските војници носат високи потпетици.
Но, Олга Стефанишина, вицепремиерка за европска и евроатланска интеграција на Украина, посочи дека, иако високите потпетици се дел од женската униформа на армиите на одредени земји-членки на НАТО, тие не се носат додека маршираат на паради или за време на тренинзите.
Пратениците побараа мистерството да ги замени високи потпетици со чизми, да назначи советник за родови и да спроведе истражување во безбедносниот и одбранбениот сектор, со цел да открие како се чувствуваат жените за условите за работа, вклучувајќи ги и нивните униформи.