Лидерите на членките на Европската Унија, кои се собраа на работна вечера во Софија, се единствени во заедничкиот одговор на „каприциозното однесување“ на претседателот Доналд Трамп за теми на иранскиот нуклеарен договор и меѓународната трговија, пренесуваат светските медиуми.
Според европски дипломати, европските лидерите се согласија дека ЕУ ќе продолжи да се бори за меѓународниот систем заснован на правила, и покрај неодамнешните одлуки за климата, царините и за Иран.
– Денес сме сведоци на нова појава – каприциозно однесување на американската администрација. Според последните одлуки, претседателот Трамп е склон да си каже дека со такви пријатели нема потреба од непријатели – изјави пред работната вечера претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Туск порача дека Унијата ќе продолжи со поддршка за договорот сѐ додека Иран го почитува и ќе работат за заштита на европските фирми што се погодени од американската одлука.
Првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, исто така изјави дека треба да се вложат сите напори за опстојување на Договорот за иранската нуклеарна програма, и покрај повлекувањето на САД од него.
– Пропаѓање на Договорот сериозно ќе ги загрози мирот и стабилноста во тој турбулентен регион – предупреди Јункер пред заминувањето на Самитот на ЕУ во Софија.
Тој нагласи дека на средбата во Софија би сакал европските лидери да изградат заеднички став кон иранскиот нуклеарен договор и кон најавите од САД за санкции кон компаниите што ќе соработуваат со Техеран, со кои би можеле да бидат опфатени и некои европски фирми.
Евроазиската економска унија потпиша спогодба за трговска размена со Иран
Евроазиската економска унија, предводена од Русија, во која членуваат неколку советски републики, потпиша прелиминарен договор за трговска размена со Иран. Договорот е потпишан во Астана и следува откако американските власти соопштија дека се повлекуваат од нуклеарната спогодба со Иран и дека повторно воведуваат санкции кон таа земја.
– Новиот договор ќе ги намали царинските такси за одредена стока во период од три години за да се постигне долгорочен договор за слободна економска зона – соопшти казахстанското министерство за економија.