Кралството ја поттикна војната на цените на нафтените пазари. Тактиката претходно беше успешна, но сега постојат повеќе предизвици
Блумберг
Со откажувањето на моделот на производител кој ги диктира цените и улогата на поттикнувач на војната со цените на енергетскиот пазар, Саудиска Арабија го враќа на сцена планот кој претходно успешно функционираше со цел да ја обнови дисциплината во производството на големите нафтени производители. Неговата успешност ќе отвори едно старо и две нови прашања. Дали кралството сè уште е во најдобра позиција да го контролира драматичниот пад во нафтената заработка? Дали можното намалување во снабдувањето ќе може да одговори на значителното намалување на светската побарувачка? Како Русија ќе одговори на притисоците на толку јавен и нов начин?
Разочарани од неподготвеноста на Русија и други големи производители да се приклучат на колективното и координирано намалување на производството, Саудиска Арабија викендов соопшти дека драстично ќе ги намали цените во договорите за извоз. Ова ќе резултира со значаен пад во цените додека другите производители ќе го следат примерот, а истовремено некои трговци и посредници ќе се охрабрат дополнително да извршат притисок врз истакнатите снабдувачи да го продаваат производот по пониска цена.
Ова не е првпат Саудиска Арабија да употреби ваков пристап за она што се смета како предизвик за Организацијата на земји извознички на нафта во управувањето со цената на нафтата преку долгогодишниот модел на производител кој ги диктира цените. Таа бара од своите членки колективно да го намалат производството кога цените се под притисок и да го зголемат кога има масовна продажба и брз раст на цените. За добро да функционира, овој модел треба да се користи во ограничен опсег за светска побарувачка на нафта, да биде поддржан од општиот консензус на членките на ОПЕК и да има само ограничено намалување на производството надвор од картелот.
Со растот на нафтата од шкрилци и производство надвор од ОПЕК, третиот услов се покажа особено предизвикувачки, што додаде тежина на постојаниот проблем на некои членки кои го лажираат обемот на производство. Всушност, Саудиска Арабија пред пет години реши да се откаже од улогата да ги диктира цените одреден период како начин да добие консензус во организацијата но и колективна акција кај другите големи производители, како на пример Русија, при што таа прерасна во ОПЕК+. Саудијците исто така сакаа да го ограничат масовното инвестирање во нафтени шкрилци.
За ова повторно да успее, Саудиска Арабија треба да се справи привремено со драстичниот пад во нафтената заработувачка и тоа многу подобро од другите производители со помош на нејзините структурни предности, вклучувајќи многу ниски трошоци за производство по барел, долгогодишни маркетиншки врски, висока продуктивност и приспособливост, како и огромна национална и меѓународна инфраструктура.
Индиректните предизвици, вклучувајќи ги построгите домашни буџетски услови, ќе се зголемат поради веројатно проблематичната светска побарувачка поради стравот од коронавирусот што ја нарушува активноста преку економски, скалести прекини што остава простор за истовремено уништување на снабдувањето и побарувачката.
Производството на нафта од шкрилци не се соочува со посериозни проблеми, затоа што ниската цена на оваа нафта брзо ќе резултира со друго пазарно намалување во производството и инвестициите во таа област.
Тука е и прашањето за Русија
Претходно притисокот врз Русија не беше толку јавен и директен. Сега, неможноста двете држави да се согласат околу намалувањето на производството во согласност со рамката на ОПЕК+ се одвиваше под силно медиумско присуство во Виена. Малкумина ќе се посомневаат дека последователен договор со Русија за помало индивидуално производство ќе предизвика големи јавни отстапки што може да му пречи на претседателот Владимир Путин. Сепак, Русија постојано се служеше со разни други методи само за да си го зачува угледот.
Саудиска Арабија се надева ќе ја врати стабилноста на цените на нафтениот пазар во време кога постојат големи предизвици во побарувачката. Да се прифати големото намалување на нафтеното производство додека другите го искористуваат овој потег или да падне цената на нафтата додека сите масовно произведуваат, а кралството се држи до старите услови, се алтернативи кои не се толку привлечни.
Кралството се надева дека ќе се намалат стравовите од коронавирусот, економската активност ќе се врати на старите патеки, нафтената побарувачка ќе се зголеми, а Русија ќе се согласи на ново ограничување на производството што нема да биде толку сериозно. Во такво сценарио, Саудиска Арабија ќе ги потсети другите нафтени производители дека токму таа ги влече конците во ОПЕК+.
Превод: Билјана Здравковска