Сведоштво на децата што избегаа од заложничката криза во Нигерија
Усама Амину е едно од младите момчиња кои во петокот успеаја да го избегнат киднапирањето од училиште во градот Канкара во северозападна Нигерија. Се претпоставува дека над 300 ученици кои се водат како исчезнати се држени во заложништво, пренесува „Ројтерс“.
– Кога започнав да бегам, тие појдоа со нож кон мене. Но, јас бев брз, ја прескокнав оградата и не се свртев назад – раскажува Амину, кој вели дека првин чул пукотници и мислел дека се работи за државни сили кои дошле да ги спасат.
Вооружените киднапери се заканувале дека ќе ги убијат доколку учениците се обидат да бегаат. Полицијата во петокот соопшти дека разменила оган со напаѓачите, што им овозможило на некои од учениците да избегаат. Портпарол на државата Кацина рече дека вчера биле пронајдени уште 17 ученици, а исчезнати се околу 320.
Мухамед Абубакар е уште еден ученик кој успеал да избега, трчајќи низ полиња и шуми. Тој заедно со други 72 момчиња успеал да стигне безбедно до село во близина.
– Видов како бандитите ги постројуваат учениците и ги поведоа надвор од училиштето. Седум од моите другари ги нема. Мислев дека никогаш повеќе нема да ја видам мојата мајка – вели Абубакар.
Кабинетот на владата во понеделникот соопшти дека е во контакт со вооружените лица и преговара за ослободување на момчињата откако безбедносните агенции успеале да ги лоцираат.
Сè уште не е јасно кои биле вооружените лица и сè уште не се знае мотивот на нападот. Нападите од вооружени банди се чести низ цела северозападна Нигерија, кои напаѓаат цивили, крадат или киднапираат луѓе за да бараат откуп.
Нападот ја потсети Нигерија на случајот од 2014 година во кој беа киднапирани повеќе од 200 девојчиња од училиште во североисточниот град Чибок од исламистичката група Боко Харам. Оттогаш, околу половина од тие девојчиња се пронајдени или ослободени, а се верува дека непознат број се мртви. Кон крајот на минатиот месец, исламистичките милитанти убија голем број земјоделци во североистокот на Борно, обезглавувајќи некои од нив.
Нигериските власти тврдат дека војници ги опколиле киднаперите
Гарба Шеху, специјалниот помошник на нигерскиот претседател Мухамаду Бухари, во неделата изјави дека само десет ученици останале во рацете на вооружените киднапери.
Но, ваквата изјава е контрадикторна со тврдењата на гувернерот на северозападната покраина Кацина, Бело Масари, кој во неделата рече дека 333 деца сè уште се водат како исчезнати.
Аналитичарите велат дека зад киднапирањето на учениците стои Абубакар Шекао, лидерот на исламистичката група Боко Харам. Во видео направено од очевидец може да се чуе како вооружените киднапери извикуваат „Алаху Акбар“.
– Лидерот на Боко Харам се обидува да воспостави операции во регионот западно од областа Кацина. Се сомнева во тврдењата дека напаѓачите биле опколени и фатени од страна на владините сили. Ако напаѓачите побегнале во големата шума, би било речиси невозможно да бидат опколени. Властите треба да делуваат брзо, бидејќи секој изгубен час ја отежнува спасувачката мисија – рече Булама Букарти од институтот за глобална промена „Тони Блер“.