Исламска држава (ИД) во голем дел ја презема контролата над еден од најголемите кампови во североисточна Сирија, и засега нема план за тоа што ќе прави со луѓето кои се сместени таму. Според информациите на „Вашингтон пост“, во кампот Ал Хол има 70.000 луѓе, од кои 50 илјади се деца. Експертите велат дека САД и Европа мора брзо да реагираат поради оваа безбедносна и хуманитарна криза, пред да се создаде нов Калифат пред очите на јавноста.
По падот на Рака и уништувањето на упориштата на ИД, претседателот на САД, Доналд Трамп, најави оти е 100 отсто сигурен дека Калифатот е уништен. Но, десетици илјади борци на ИД и членови на нивните семејства беа апсени и пренесувани во кампови за врантрешно раселени лица во кои има малку хуманитарна помош, безбедност и надзор. Одвоено од камповите во кои престојуваат главно жени и деца, повеќе од 2 илјади борци на ИД престојуваат во повеќе импровизирани затвори. Со целиот систем раководат Кудските демократски сили (СДФ), кои според американскиот весник, немаат доволно ресурси за спроведување на сите операации, особено во момент кога САД го планира заминувањето од Сирија.
Во најголемиот камп за внатрешно раселени лица, ИД во моментов има повеќе влијание и контрола отколку стражарите на Курдските демократски сили кои треба да го надледуваат, велат официјални лица на САД. Жените на борците на ИД создале исламска морална полиција која која врши надзор, го спроведува шеријатското право, и наредува и извршува брутални егзекуции. Борците на ИД сега регрутираат луѓе од кампот, шверцуваат борци во и надвор од Ал Хол и го користат како локација на која планираат напади на другите делови во Сирија. Доколку ова де факто не е новата верзија на Калифатот, набрзо ќе биде, констатираат од „Вашингтон пост“.
Околу 11.000 од вкупната бројка на 70.000 жени и деца во кампот Ал Хол доаѓаат од земји надвор од Ирак и Сирија. Повеќето од овие земји одбија да ги примат назад своите граѓаните, оставајќи можност ИД повторно лесно да може да ги регрутира. САД назад примија 21 поранешен член на ИД и кривично ги гонат сите оние кои одлучиле да патуваат во Сирија, доколку се возрасни лица. Сепак, повеќето европски земи одбија да ги примат борците на ИД назад во своите земји, а некои дури им го одземаа државјанството.
Безбедноста и хуманитарната криза во Ал Хол е влошена и поради повлекувањето на американските сили од североисточна Сирија и неизвесноста околу иднината на САД во овој регион. Администрацијата на Трамп не дава конкретни информации за плановите со Сирија, во дел поради фактот што официјалните лица знаат дека претседателот би можел брзо и одлучно целосно да ги повлече трупите од земјата.
– Меѓународната заедница мора да најде начин како да ги задржи најтврдокорните броци во затворите и да смисли систем кој не е зависен само од Курдските сили. САД итно мора да ја зголеми безбедноста во затворите и камповите. Неопходни се напори за да се дерадикализираат децата кои може да бидат спасени. Доколку не се направи ништо во врска со ова, целата стратегија на САД за уништување на ИД ќе стане бесмислена – заклучуваат од „Вашингтон пост“.
Според Обединетите нации (ОН), 65 отсто од жителите на Ал Хол се под 12 години, а 20.000 се под 5-годишна возраст, што значи дека се родени за време на првиот Калифат. Според експертите, доколку светските сили дозволат децата да пораснат во новиот Калифат, тие за во следните години ќе биде оние кои ќе војуваат на боиштата на Блискиот исток.