Научниците и лекарите го открија начинот на кој новиот коронавирус го напаѓа и уништува човечкото тело, од центарот на битката, белите дробови, преку срцето, крвните садови, бубрезите и цревата, па до мозокот.
Вирусот САРС-Ков-2, кој предизвикува ковид-19, влегува во човечките клетки, закачувајќи се на рецепторот на клеточна површина наречен ангиотензин-конвертирачки ензим 2 (АКЕ2). Откако ќе ја зарази, вирусот ја „киднапира“ клетката и ја претвора во „фабрика за размножување“, правејќи копии од себе за да нападне нови клетки, посочуваат научниците од МИТ.
Откако ќе влезе во носот и во грлото, вирусот патува до белите дробови, каде што се наоѓаат алвеолите, односно малите воздушни ќеси, обвиени со слој клетки што исто така се богати со АКЕ2-рецептори. Вообичаено, кислородот преминува од алвеолите во капиларите, малите крвни садови, пред да биде пренесен во остатокот од телото преку крвниот систем. Бидејќи имунолошкиот систем се бори против вирусот, белите крвни клетки ослободуваат сигнални молекули наречени цитокини. Овие протеини ја координираат реакцијата на организмот против инфекција и предизвикуваат воспаление.
Главни цели на вирусот се виталните органи низ целото тело, кои се богати со AКE2, кој, пак, помага во регулирање на крвниот притисок. Срцевата обвивка и крвните садови, бубрезите и тенкото црево, заедно со носот, грлото и алвеолите, се богати со AКE2-рецептори.
Кај некои пациенти, прекумерната реакција на имунолошкиот систем, позната како „цитокинска бура“, резултира во неконтролирано ниво на цитокини, кои потоа активираат повеќе имуни клетки, што резултира во хиперинфламација. Имуните клетки почнуваат да ги напаѓаат здравите ткива, што може да доведе до протекување на крвните садови, пад на крвниот притисок, згрутчување на крвта и катастрофално откажување на органите.
Новонастанатата закана од вирусот САРС-Ков-2, кој предизвикува ковид-19, е абнормална тенденција на згрутчување на крвта. Крвните згрутчувања може да патуваат во белите дробови и да ги блокираат виталните артерии, предизвикувајќи белодробна емболија, или да стигнат до мозокот и да предизвикаат мозочен удар.