Иранските резерви на збогатен ураниум се повеќе од пет пати повисоки од ограничувањата пропишани со иранскиот нуклеарен договор постигнат во 2015 година меѓу Техеран и светските сили, оценува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Во доверливиот документ на МААЕ, до кој дошла агенцијата „Асошиејтед прес“, се наведува дека иранските резерви изнесуваат 1.510 килограми, а ограничувањето е 300 килограми. МААЕ идентификувала и три локации на кои е можно да се складира непријавен нуклеарен материјал или на кои се извршуваат непријавени нуклеарни активности.
Според некои аналитичари, Иран во моментот има доволно резерви збогатен ураниум за нуклеарно оружје, иако ќе му бидат потребни уште неколку чекори за да може да го произведе.
Иранскиот нуклеарен договор е на работ на пропаст, откако САД во 2018 година се повлекоа од него и ги зајакнаа санкциите против Техеран, иако тогаш МААЕ нагласуваше оти Иранците ги почитуваат обврските. Другите светски сили тврдат оти уште го поддржуваат договорот, а Иран во меѓувреме порача дека ќе престане да ги почитува обврските ако не му се укинат санкциите.