Претседателот на САД, Доналд Трамп, сака да го купи Гренланд. За ваквата намера тој во повеќе наврати контактирал со данската влада, а ваквата можност ја разгледувале и советниците во Белата куќа, изјавија два извори за Си-ен-ен.
Интересот на Трамп за купување на Гренланд за првпат го објави „Волстрит журнал“. Весникот објави дека луѓето запознаени со разговорите изјавиле дека претседателот го поставил прашањето за време на состаноци и вечера, прашувајќи помошници и слушајќи сериозни совети за можноста и придобивките од поседувањето на Гренланд. Тој, исто така, побарал мислење и од Советот на Белата куќа да ја истражи оваа работа.
Според медиумите, соработниците на Трамп се поделени по ова прашање, при што некои ја пофалиле идејата како солидна економска стратегија, а други ја отфрлиле.
Гренланд, автономна данска територија, е дом на воздушната база Туле, најсеверната база на американската војска, лоцирана на околу 750 милји над Арктичкиот Круг и е изградена во 1951 година. Таа поседува балистички ракетен систем за рано предупредување кој може да предупредува за приближување на интерконтинентални балистички ракети и достигнува илјадници милји до руската територија.
Обидот на Трамп не би бил првиот американски напор за купување на Гренланд. САД наводно се обиделе да го купат Гренланд во 1946 година, а во 1867 година државниот секретар Вилијам Сивард покажал интерес за купување на островот.