Во услови на светска пандемија, големата петорка на држави најголеми извозници на оружје на глобално ниво останува непроменета. На прво место, според институтот СИПРИ од Стокхолм, сѐ уште се САД, веднаш зад нив е Русија, а по нив следуваат Франција, Германија и Кина, како држави што доминираат во производството и трговијата со воена техника низ светот
Истражување на меѓународниот институт СИПРИ дојде до изненадувачки сознанија
САД и Русија дури и во услови на глобална пандемија и натаму остануваат на врвот од листата на светски најголеми извозници на воена опрема во периодот од 2016 до 2020 година, иако обемот на продажбата на оружје од Русија е значително намален во однос на минатиот петгодишен период (2011 – 2015). Ова, меѓу другото, го покажуваат податоците од извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), објавен неодамна, во кој се наведува дека состојбата со трговијата со оружје во периодот од 2016 до 2020 година на светско ниво е зголемен за 5,5 отсто, во споредба со изминатиот петгодишен период од 2011 до 2015 година.
Сепак, и покрај сѐ, Америка останува на врвот на листата како најголем производител на воена техника и опрема, каде што американските произведувачи продале оружје во 96 земји, а половина од нив се испорачани на Блискиот Исток во изминатиот период. Институтот во исто време утврдил дека за изминатите пет години американскиот извоз е пораснат за 15 отсто, а САД продале 37 отсто од глобалната продажба на оружје.
– Прерано е сигурно да се зборува дали е завршен периодот на нагло растење на продажбата на оружје, кој траеше две децении. На пример, економското влијание на пандемијата на ковид-19 може да принуди голем број земји да го преиспитаат својот воен увоз во следните години. Но сепак, дури и во екот на пандемијата во 2020 година, неколку земји склучија огромни договори за снабдување на своите држави со оружје – вели Питер Веземан, постар истражувач во програмата за вооружување и воени трошоци во СИПРИ.
Пад на рускиот извоз
Од друга страна, Русија иако го зазема второто место на скалата на извозници од 2016 до 2020 година, со петтина учество во глобалните испораки на оружје, таа сепак бележи мал пад во испораката на воената техника низ земјите во светот. Русија е закотвена на втората позиција со 20 отсто удел на пазарот за оружје. Главни муштерии на Москва и понатаму остануваат Индија (во моментов најголем увозник на оружје во светот), Кина, Венецуела и Алжир.
За разлика од Америка, која на пријателите и сојузниците главно им продава скапа, најсовремена воена опрема, Русија глобално распродава одамна проверени советски производи по релативно ниски цени. Интересно е што Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм забележува дека француската продажба на оружје во периодов е зголемена и таа го достигна нејзиното највисоко ниво уште од периодот во 1990-тите години. Сега, според СИПРИ, Франција е трет најголем извозник на воена опрема во светски рамки, со вкупно 8,2 отсто од пазарот.
Кинеското оружје во подем?
Податоците во истражувањето на Меѓународниот институт за мир во Стокхолм посочуваат дека продажбата на кинеското оружје во светот е во подем. Имено, Кина снабдила со оружје 51 земја, но неколку големи пазари се затворени од политички причини, вклучувајќи ги Индија, Јапонија и Австралија. Кинескиот извоз иако е намален за речиси осум отсто во однос на претходниот петгодишен период, тој во изминативе две години бележи раст, особено на пазарите на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, СИПРИ забележува дека индустријата на оружје бележела и нарушувања во синџирите на снабдување, но поголемиот дел оружје е нарачано пред 2020 година и „неколку земји за време на пандемијата склучиле многу важни договори. Во документот се посочува дека значителен увоз на оружје во последниот период е забележан во Полска, Јапонија и Германија, каде што овие земји нарачаа голем број борбени авиони. Интересно е да се истакне дека Саудиска Арабија и понатаму е најголемиот светски увозник на оружје, со 11 отсто учество во вкупниот увоз.
Инаку Институтот од Стокхолм користи петгодишен циклус за да ги ублажи флуктуациите што ги предизвикуваат големите нарачки. Базата на податоци за пренос на оружје не го вклучува малокалибарското оружје и се темели на јавни извори, од национални, преку регионални медиуми до специјализирани меѓународни магазини, како и владини и извештаи на индустријата.