ЕУ главно молчи или вели дека не сака да се меша во внатрешните работи на Шпанија, кога станува збор за Каталонија, непризнаениот референдум за независност, како и за строгите затворски казни против каталонските лидери. Унијата смета дека не треба да реагира против својата членка зашто сепаратистите ги прекршиле шпанските закони и Уставот. Сепак, ЕУ нема идентичен став кон земјите со евроатлантски аспирации, на кои постојано им држи лекции за демократија и за владеење на правото. На пример, ЕУ ѝ порача на Македонија по секоја цена, па макар и со „балкански методи“, да го усвои Преспанскиот договор, иако неговата ратификација беше спротивна на правните норми и принципи. Се чини владеењето на правото нема примат кога се работи за остварување нечии интереси
Европската Унија порача дека пресудите на каталонските сепаратистички лидери се внатрешна работа на Шпанија и дека се во согласност со шпанските закони. Со тоа Брисел даде поддршка за шпанската влада во нејзиното справување со каталонскиот сепаратизам, и покрај критиките на бившиот каталонски претседател Карлос Пуџдемон за пресудата и за улогата на ЕУ во одбраната на европските вредности. Но некои од критичарите сметаат дека драконските казни за деветтемина каталонски функционери што беа осудени на казни од девет до тринаесет години за организирањето референдум и прогласувањето на независноста се потсетување на Европската комисија дека не треба да се фокусира само на источните членки на ЕУ кога станува збор за почитувањето на владеењето на правото и на европските вредности, пренесуваат светските медиуми.
Прва со реакција се јави Еврокомисијата, која одби да ја коментира пресудата за приврзаниците за независност на Каталонија, истакнувајќи дека тоа е внатрешна работа на Шпанија.
– Комисијата не ги коментира одлуките на националните судови. Нашата позиција околу оваа тема е добро позната и не е сменета. Тоа е и продолжува да биде внатрешна работа на Шпанија, која мора да се реши во согласност со уставниот поредок – порача Мина Андреева, портпаролка на ЕК.
Потоа се огласи и првиот човек на ЕК, Жан Клод Јункер, кој инсистираше дека целосно го почитува шпанскиот уставен поредок, вклучувајќи ги и одлуките на судовите во Шпанија. Одлуката на Врховниот суд на Шпанија ја прокоментира и министерот за надворешни работи и иден шеф на европската дипломатија Жозеп Борел.
– Ниту еден европски Устав не би овозможил еднострано прогласување независност на дел од територијата – порача Борел.
Тој упати апел да се вложат напори за политичко и социјално закрепнување, бидејќи обидот за прогласување независност на Каталонија е осуден на пропаст.
Подолго обраќање пред јавноста имаше шпанскиот премиер Педро Санчез, кој изјави дека каталонските застапници за независност биле осудени за кршење на законот, а не за нивните политички идеи.
– Шпанската влада апсолутно ја почитува пресудата. Таа беше донесена по една транспарентна постапка за време во кое беше загарантирана праведноста. Процесот ги исполни сите демократски барања. Никому не му се суди за идеи, туку за кршење на законот. Никој не е над законот и сите мора да го почитуваат – порача Санчез за време на прес-конференцијата во Мадрид.
Тој истакна дека шпанскиот устав, усвоен во 1978 година, кога Шпанија се пресели од диктатура во демократија, не дозволува референдуми за независност во ниту една од 17-те автономни покраини.
– Пресудата е резултат на Уставот за кој се согласивме пред четири децении, што исто така беше прифатено од Каталонија и заврши со диктатурата на Франко. Шпанскиот устав е модерен, ја почитува богатата територијална разновидност и го брани единството на земјата – додаде Санчез.
Според него, каталонската влада еднострано го нарушила сопствениот статут за автономија на Каталонија.
– Игнорирајќи ги оние што не ја поддржуваат независноста таму, тоа доведе до прекин во општеството. Движењето за независност беше поразено, не успеа да добие меѓународна поддршка и сега донесе многу болка и страдање. Но оваа пресуда отвори нова фаза, која ќе гарантира соживот, демократија и единство – порача шпанскиот премиер, кој ја отфрли можноста за иден референдум, повикувајќи се на Уставот.
Од друга страна, Пуџдемон упати критики до ЕУ и побара нејзино ангажирање за ова прашање.
– Потребна ни е целосна поддршка од европските демократи. Оваа криза се однесува на европската демократија и квалитетот на европската демократија. Тоа не е каталонски, регионален или шпански проблем – порача поранешниот каталонски претседател.
Истовремено, шефот на каталонската дипломатија Алфред Бош ја повика и меѓународната заедница да заземе активна улога во решавање на проблемите помеѓу Каталонија и Шпанија и порача дека никој не смее да молчи пред таквото кршење на основните човекови права. Осудените каталонски функционери најавија дека ќе поднесат жалба пред Европскиот суд за човекови права.