Иран со сета сила ќе продолжи со обогатување на ураниум доколку Вашингтон реши да се откаже од нуклеарниот договор со Техеран, предупреди иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф.
Тој синоќа пред новинарите во Њујорк рече дека Иран не се обидува да произведе нуклеарна бомба, но Техеран „веројатно“ ќе одговори на повлекувањето на САД од договорот така што повторно ќе започне со производство на обогатен ураниум, клучен елемент за атомско оружје.
– Америка никогаш не требаше да стравува дека Иран ќе произведе нуклеарна бомба, но со сета сила ќе продолжиме да обогатуваме ураниум ако претседателот Трамп официјално се повлече од договорот – рече Зариф.
Претседателот на САД вети дека кон средината на мај ќе се повлече од договорот потпишан во 2015 година ако европските земји не им се придружат на САД во решавањето на проблемите за кои Трамп тврди дека се фатални маани на тој договор.