Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го одби барањето на САД за запирање на воената операција против курдските бунтовнички групи во Сирија. Во обраќањето пред турскиот парламент, Ердоган порача дека Турција нема да попушти пред притисоците и ќе ја продолжи офанзивата сѐ додека не биде исполнета нејзината цел – формирање безбедносна зона североисточна Сирија.
– Некои земји се обидуваат да посредуваат и да издејствуваат преговори за прекин на огнот. Турција никогаш во својата историја не седнала на иста маса со терористичка организација. Не бараме посредник, ниту ни е потребен – додаде шефот на турската држава.
Ердоган е под голем притисок од Вашингтон, кој бара запирање на турската операција во Сирија. Американскиот потпретседател Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео денес треба да се сретнат со турските претставници, во обид да ги убедат да прогласат прекин на огнот. Но Ердоган јасно порача дека турската офанзива ќе заврши ако курдските борци во регионот го положат оружјето и се повлечат од планираната безбедносна зона.