Министерката за животна средина споменува дека е можно воведување рестрикции на чиј удар прво ќе се најде стопанството

Франција

Не е тајна дека оваа зима се очекува да биде постудена од кога било во Европа, но и во светот, без разлика на тоа колку ќе бидат ниски температурите. Енергетската криза, која од ден на ден станува сè посложена, веќе почнува да ги покажува своите ефекти и во најразвиените и во најбогатите европски земји.
Француската министерка за животна средина, Барбара Помпили, соопшти дека државата има подготвено одредба за договорен прекин во снабдувањето со електрична енергија на големите индустриски потрошувачи во ударните делови од денот. Мерките на француската влада имаат цел да спречат можни пошироки ограничувања на струјата за населението. Помпили исто така истакна дека побарала од извршниот директор на ЕДФ, односно француското електростопанство, да ги активира нуклеарните реактори порано од планираното. Според неа, таквата одлука е за да помогне во ублажување на „енергетскиот колапс“ што се случува во цела Европа.
– Побарав од вработените во ЕДФ порано да ги вклучат нуклеарните реактори, иако тоа беше планирано да се случи дури на средината на јануари. Се одлучивме за овој чекор за да бидеме подготвени за евентуален недостиг од струја – изјави министерката Помпили.
Сите овие случувања се должат на притисокот врз најголемите производствени капацитети во Франција, што предизвика прекин на одржувањето на нуклеарните централи, а тоа, пак, резултира со највисоки цени на струјата во историјата на државата. Стопанството и граѓаните веќе се мачеа со премногу зголемените цени на струјата и високите сметки, а најновите вести дополнително ги загрижија. Сите се плашат од рестрикции на струјата, за кои се смета дека ќе следуваат поради најавените екстремно студена зима и ниските температури.
Француската министерка за животна средина наведува дека ограничувањата на електричната енергија може да се избегнат само доколку нуклеарните реактори порано се пуштат во функција. Франција располага со 56 нуклеарни централи. Државното електростопанство беше повикано да ги забрза редовните поправки на нуклеарните централи и да ги врати во функција во мрежата што е можно поскоро. Во изминатиот период, Франција се соочува со недостиг од 11.000 мегават-часа електрична енергија, кои ги надоместува со увоз по досега невидено високи цени.